Хероите се појавија на плоштад „Македонија“: „Ќе дадеме максимум против Португалија“ (ФОТО)

од Nikola Popovski

Како и што беше претходно објавено, македонските фудбалски репрезентативци се појавија на скопскиот плоштад „Македонија“, на кој беа собрани стотици граѓани, за да ја прослават синоќешната историска победа против Италија.  Сепак, поради ковид-протоколите на УЕФА само неколкумина од фудбалерите излегоа од автобусот, кој беше паркиран под Триумфалната порта.

Присутни беа капитенот Стефан Ристовски, стрелецот на голот Александар Трајковски, голманот Столе Димитриевски, но и селекторот Боби Милевски.

-Не можевме сите да дојдеме. Ви благодариме што дојдовте, имаме уште еден натпрвар. Ветувам дека ќе дадеме максимум, како што дадовме вчера. Фала уште еднаш, кратко изјави капитенот Ристовски.

Покрај граѓаните, присутна беше и градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, која не пропушти можност да се слика со репрезентативците.

Ривал на Македонија во финалето ќе биде репрезентацијата на Португалија. Мечот се игра во вторник во Порто, од 20:45 часот.

Слични содржини