Холандскиот антиисламски популист Герт Вилдерс се откажа од обидот да стане премиер

Холандија последен пат имала премиер кој не дошол од најголемата партија во холандската влада во 1980-тите, а последен пат кога холандски премиер не бил лидер на една од владејачките партии било во 1918 година.

од Бети Божиноска

Холандскиот антиисламски популист Герт Вилдерс (60) се откажа од обидот да стане премиер и покрај драматичната победа на неговата партија на изборите во 2023 година, пренесува Би-би-си.

„Можам да станам премиер само ако СИТЕ партии во коалицијата го поддржат тоа. Во случајов не е така,“ напиша Вилдерс во пост на „Х“.

Вилдерс сепак смета дека е уставно погрешно и недемократско што тој мена стане премиер и покрај фактот што неговата партија победи, а дека неговата амбиција да влезе во премиерскиот кабинет не исчезнала целосно очигледно покажува и твитот што тој го исопрати малку подоцна, а во кој се вели:

„И не заборавајте: јас сепак ќе станам премиер на Холандија. Со поддршка од уште повеќе Холанѓани. Ако не утре, тогаш задутре. Затоа што ќе се слушне гласот на милиони Холанѓани!“

Неговата Слободарска партија (ПВВ) освои најмногу гласови на минатогодишните избори, но имаше потреба од другите партии за да формира коалиција. Победата на ПВВ минатата година не само што ја потресе холандската политика, туку имаше и реперкусии низ цела Европа бидејќи Холандија е една од основачките членки на сегашната ЕУ.

Во меѓувреме продолжуваат преговорите со три други партии за формирање влада. Ким Патерс, преговарачот што ја водеше најновата рунда преговори, кои завршија во вторникот, треба да го сподели својот извештај со парламентот во текот на денов. Денеска се очекува и парламентарна расправа по ова прашање.

„Би сакал десничарски кабинет. Помалку азил и имиграција. Холанѓаните на прво место. Љубовта кон мојата земја и кон гласачите е голема и е поважна од мојата позиција“, напиша Вилдерс во својата објава сношти.

Вилдерс неколку месеци преговараше со централно-десничарската либерална ВВД, Нов социјален договор (НСЦ) и со земјоделската партија БББ во обид да формира коалициска влада. Лидерите на трите партии неделава инсистираа дека единствениот начин да продолжат напред е ако сите четворица партиски лидери се согласат да не преземаат улога во владата, пренесува холандскиот јавен радиодифузер „НОС“.

Се уште не е јасно дали се појави компромисна личност за премиерската функција.

Се очекува Патерс да објави дека партиите се подготвени да формираат малцинска влада со „вонпарламентарен кабинет“, што би значело дека ниту еден од четворицата партиски лидери нема да заземе министерски функции, туку ќе останат пратеници.

По 14 години под Марк Руте, следната холандска влада повеќе ќе има фигура за премиер кој ќе добие концизна листа политики до кои же треба да се придржува, давајќи му пошироки овластувања на парламентот – иако се уште не е јасно како ќе функционира тоа- а министрите би можеле да бидат земени и од кругови надвор од политиката, како и од внатре.

За таков кабинет се залагаат лидерот на Новиот социјален договор, Пиетер Омциг, и лидрката на ВВД, Дилан Јешилѓоз.

Според холандските медиуми, Холандија последен пат имала премиер кој не дошол од најголемата партија во холандската влада во 1980-тите, а последен пат кога холандски премиер не бил лидер на една од владејачките партии било во 1918 година.

Слични содржини