Хрватскиот претседател Милановиќ ќе се кандидира за премиер, „Матица хрватска“ негодува

„Матица хрватска“ го повика денеска Милановиќ да ја повлече својата „непромислена одлука“, оценувајќи дека хрватскиот претседател грубо го крши уставниот поредок

од Бети Божиноска

Зоран Милановиќ ќе биде носител на листата на СДП во Првата изборна единица како независен и непартиски кандидат и кандидат за хрватски премиер, соопшти вчеравечер лидерот на таа партија Пеѓа Грбин и ја шокираше хрватската јавност.

На прес-конференцијата на која Милановиќ се појави ненајавено, Грбин рече дека денот е убав бидејќи се движи кон промени.

„Во животот на секој од нас има моменти кога треба да излеземе од комфорната зона. Дојде време да се оседлаат коњите,“ рече Милановиќ, кој своевремено ја водеше СДП.

По пресот, на кој вети решителна и чиста влада, Милановиќ им се обрати на граѓаните на „Фејсбук“ и порача дека по изборната победа на парламентарните избори – во која вели дека е сигурен – ќе се повлече од функцијата претседател на републиката.

„По изборната победа, за која сум сигурен, ќе се повлечам од функцијата претседател на републиката и, со поддршка на новото мнозинство во хрватскиот Сабор, ќе ја преземам одговорноста да ја водам владата на Република Хрватска.  До преземање на новата функција ќе продолжам да ја извршувам функцијата претседател согласно моите уставни обврски и должности,“ рече Милановиќ.

„Матица хрватска“ го повика денеска Милановиќ да ја повлече својата „непромислена одлука“, оценувајќи дека хрватскиот претседател грубо го крши уставниот поредок со објавата на својата кандидатура на парламентарните избори.

„Според Уставот на Хрватска, претседателот на државата не смее да биде член на ниту една политичка партија, дал заклетва дека ќе биде претседател на сите граѓани на Хрватска и не смее да застапува партиски интереси, а камоли да влезе во политички натпревар за хрватскиот Сабор на листа на политичка партија,“ соопшти „Матица хрватска“.

Оттаму велат дека со тоа што не поднел оставка, а воедно и настапува на избори, „претседателот грубо го крши уставниот поредок на Хрватска“ и го повикаа да ја повлече својата, како што велат, непромислена одлука зашто во спротивно, „мора да биде санкциониран според важечките хрватски закони“.

Слични содржини