ИЈЗ до граѓаните на Берово, Гостивар и Тетово: „Останете дома, воздухот е екстремно лош“

од Stefanija Kuzmanovska

Во извештајот на Институтот за јавно здравје мерните станици во Берово, Гостивар и Тетово покажуваат дека таму воздухот е екстремно лош заради зголемени концентрации на PM2.5 честички.

Како „многу лош“ се класифицира воздухот во Струмица, Битола 2, Кичево заради заради зголемените концентрации на PM10 честички, додека во Ѓорче Петров заради зголемени концентрации на PM2.5 честички.

Во Скопје (Лисиче и Центар), Неготино и Прилеп како „лош” заради зголемените концентрации на PM10 честички, додека во Кочани и Гевгелија заради зголемени концентрации на PM2.5 честички.е воз

Оваа категоризацијата е според Европскиот Индекс за квалитет на воздух (Европска агенција за животна средина – ЕЕА).

Од ИЈЗ предупредуваат дека поради моменталната ситуација со загадениот воздух некои поединци може да доживеат здравствени ефекти, а оние од чувствителните групи, посериозни здравствени ефекти.

Како најчувствителни и под најголем ризик се деца помлади од 5 години, постари граѓани (над 65 годишна возраст особено), бремените жени, лица со хронични заболувања (циркулаторни/кардиоваскуларни заболувања), пациенти со астма и ХОББ, дијабетичари, луѓе кои работат на отворено, социјално загрозени катеории граѓани и пушачи чиј ризик од сериозно срцево оптоварување се зголемува меѓу 3 и 4 пати. Оние со веќе постоечки респираторни проблеми се изложени на особен ризик.

„Иако помладите лица и децата над 5 годишна возраст не спаѓаат во високоризичните групи на население, тоа не значи дека и нивното здравје не може да биде афектирано при краткотрајни изложености на високи концентрации на загадувачки материи“, нагласуваат од ИЈЗ.

Оттаму, заради превенција на потенцијалните штетни здравствени ефекти на суспендираните (лебдечки честички) кои во моментов драстично се зголемени, Институтот за јавно здравје им препорачува на граѓаните од градовите со “Екстремно лош (сиромашен)” индекс на квалитет на воздух да останат дома ако немаат потреба од излегување.

„Останете дома или намалете го физичкиот напор, особен на отворено, особено доколку почувствувате симптоми како што се кашлица или болки во грлото. Возрасните и децата со проблеми со белите дробови, возрасните со срцеви проблеми и постарите луѓе треба да избегнуваат напорна физичка активност. Бремените жени треба да останат дома. Луѓето со астма може да откријат дека треба да користат почесто нивниот инхалатор. Ако треба да излезете, носете маски со докажана ефикасност“, стои во извештајот од ИЈЗ.

Со слични препораки на редовна база излегува ИЈЗ секогаш кога загадувањето е во пораст, како што беше во текот на новогодишните празници но и деновите пред тоа.

За градовите со „лош” индекс на квалитет на воздух како Скопје, Неготино и Прилеп од ИЈЗ препорачуваат секој што чувствува непријатности како што се зацрвенување или печење на очите, кашлица или болки во грлото треба да размисли за намалување на активноста, особено на отворено, како и да се остане дома ако нема потреба за излегување.

За сите групи на население остануваат препораките да се конзумира храна богата со витамини (антиоксиданси – витамин А, витамин Ц и Е, бета-каротен, ликопен, лутеин, селен, манган и други), главно присутни во овошјето и зеленчукот и да се консултира матичен лекар или здравствена клиника ако „се чувствувате лошо или доколку искусувате какви било негативни ефекти од загадувањето на воздухот“.

„Имајте во предвид дека доколку во вашиот дом се загревате на дрва или некое фосилно гориво, вашата изложеност ќе биде значително повисока заради веројатно влошениот квалитет на воздухот во затворената просторија во која престојувате“, нагласуваат од ИЈЗ.

Слични содржини