ИДУЕП со иницијатива за дигитална апликација за непосредна и брза комуникација со локалните власти

од Vladimir Zorba

Целосна транспарентност и отчетност за работата на секоја општина и нејзините градоначалници, можност граѓаните да контактираат со сите свои советници и советнички на брз начин, како и лесно пријавување на иницијативи и проблеми до локалната администрација – ова се основните промени кои граѓаните ги очекуваат од работата на единиците на локалната самоуправа во следниот мандат.

Според согледувањата на програмите, рекламирањето и јавните настапи на кандидатите на Локалните избори кои ги направи Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП), ваквите заложби беа недвосмислено ветени од страна на сите политички партии кои учествуваа на изборите, а ефикасноста во работата локалната самоуправа насочена исклучиво кон брзо решавање на сите напластени и горливи проблеми беше изразена како врвна цел на секој од кандидатите.

„Граѓаните постојано треба да бидат информирани за да можат да влијаат врз секоја одлука која се носи од страна на властите. Еден од главните проблеми кој изминатите децении беше регистриран во многу истражувања на јавното мислење е фактот што во две третини од случаите граѓаните не ни знаат кои се нивните советници и советнички во општините. Тоа недвосмислено укажува дека нештата мора брзо да се менуваат, а граѓаните со право очекуваат општинските совети да не бидат места за згрижување на партиски кадри, ниту места за заработка на паушали единствено заради формално присуство и гласање на седниците. Потребни се позитивни промени во начинот на кој сите 80 општини и Градот Скопје комуницираат со граѓаните“, истакна Бојан Кордалов, раководител на Програмата за транспарентност и дигитализација на ИДУЕП.

За таа цел, од ИДУЕП предлагаат креирање на јавно достапна дигитална апликација која ќе им овозможи на граѓаните непосредна и брза комуникација со локалните власти, како и мониторинг на дадените ветувања и нивната реализација од секој заинтересиран граѓанин, од медиумите, граѓанските организации, бизнис заедницата итн.

„Преку ваквата дигитална апликација, градоначалниците и општинските администрации ќе даваат извештај за дневните спроведени активности и степенот на реализација на дадените ветувања преточени во програма за работа. Советниците би имале обврска за оставање на свои јавни контакт информации преку кои граѓаните ќе можат да ги контактираат, но и можност на дневна или периодична основа да информираат за активностите кои тие ги презеле за својата општина. Среднорочно, по неколкугодишно успешно функционирање на ваквата дигитална платформа, општините ќе можат да разгледаат и применат можности за анкети, мини референдуми и испитување на мислењата на граѓаните за спроведување на одредени проекти, иницијативи или предлози на ниво на цела општина или месна заедница. Сѐ ова е во интерес на сите, бидејќи секој граѓанин ќе може да се вклучи, искаже свој став, прашање, побара акција, а сето ова би се одвивало под будното око на медиумите кои би имале администраторски пристап до статистиките за ефикасност на секоја општина. На овој начин факторот човек во реализација на поднесените барања или чие било влијание би бил сведен на минимум“, посочува Кордалов.

Од ИДУЕП велат дека очекуваат партнери во овие процеси да бидат сите општини, ЗЕЛС, како и Министерството за локална самоуправа. Од Институтот истакнуваат дека барање за финансиска поддршка е испратено и до донаторската заедница во земјава, од каде се надеваат на поддршка бидејќи во моментов ова претставува единствен начин со кој би се трасирал патот за долгорочно добро управување и владеење единствено во интерес на граѓаните. Истовремено, истакнуваат од ИДУЕП, партиите и кандидатите во оваа кампања силно ја нагласуваа улогата на дигитализацијата и онлајн услугите за граѓаните како врвен приоритет за ефикасност, сузбивање на корупцијата и неселективни услуги за сите граѓани на локално ниво. Оттаму нагласуваат дека ваквата иницијатива во никој случај не значи укинување на можноста за граѓаните да ги остваруваат своите права и услуги по хартиен пат и со лично физичко присуство, туку дополнителна алатка плус која ќе го дополни изборот на можности за граѓаните и ќе овозможи заштеди во време, ресурси и финансии за секого.

„Доколку чекаме т.н. поволна политичка клима за спроведување на вакви важни реформи кои ќе овозможат долгорочно транспарентно и одговорно владеење, мислам дека никогаш нема да може да реализираме ниедна важна промена која е од интерес за граѓаните. Сметаме дека токму сега е вистинското време за отпочнување со реализација на еден ваков проект, кој ќе ги стави граѓаните во предниот план, но не само на денот кога се одржуваат локалните избори. Секој човек мора да има право во секое време да стапи во контакт со избраните градоначалници, советници и административни служби, но и да добие одговор и решение на посочениот проблем во најкус можен рок. Истовремено, медиумите и граѓанските организации како главни „чувари на демократијата“ и застапници на јавниот интерес мора да имаат постојан увид и пристап до ефикасноста на единиците на локалната самоуправа во комуникацијата со граѓаните и степенот на транспарентност, одговорност и респонсивност на секоја општина во земјава“, заклучува Бојан Кордалов и истакнува дека поддршката за реализација на овој важен Проект е важно да дојде од сите страни бидејќи истиот е од интерес на секој граѓанин, секоја општина и државата во целина.

Оваа иницијатива е испратена и до надлежните институции, како и политичките партии од каде се очекува препознавање на можностите за реализација на предизборните ветувања, како и потенцијал за заедничка работа и соработка помеѓу сите општествено-политички чинители на локално ниво за реализација на проекти и активности кои се од интерес за граѓаните на секоја општина.

Слични содржини