Илјадници на Парадата на гордоста во Будимпешта најавија борба против политиката на Орбан

од Nikola Popovski

Илјадници Унгарци денеска излегоа на улиците на Будимпешта, и покрај топлото јулско време, за да учествуваат на годишната Парада на гордоста.

Учесниците на „Прајд“ ветија дека ќе продолжат да се борат против политиката на унгарската влада, која, како што тврдат, ги загрозува правата на ЛГБТК луѓето, а која предизвика осуда на ЕУ.

Европската комисија ја тужеше Унгарија претходно овој месец поради законот усвоен минатата година со кој се ограничува наставата за хомосексуалноста и трансродовите прашања во унгарските училишта, пишува Ројтерс.

Аргументот на администрацијата на Орбан за донесување на спорниот закон е заштитата на децата, но групите за човекови права тврдат дека законот ги дискриминира ЛГБТК луѓето, при што претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, го оцени законот како „срамен“.

Коалициската влада на Орбан со Фидес и Демохристијаните, кои победија на изборите во април, возвратија дека правата на ЛГБТК и други слични социјални теми се во сферата на оние прашања за кои независно одлучуваат националните влади, а не Брисел.

Слични содржини