ИНТЕРВЈУ со Јане Велковски: Бекам и Погба се многу природни, опуштени и срдечни

од Stefanija Kuzmanovska

Мене оваа пандемија ми влијаеше и ментално и физички. Поминував премногу време дома, а јас сум човек кој цело време сака да биде надвор и тоа не ми се допаѓаше. Немав редовна физикална терапија која ми е потребна и тоа ми влијаеше на моето физичко здравје, вели во интервју за „Локално“ 12-годишниот Јане Велковски, застапник за правата на децата со попреченост од Македонија.

„Дружбите во време на пандемијава се многу комплицирани затоа што се поретки, мора да бидеме со маски, да бидеме на дистанца и во отворени простори“, наведе Јане.

Како позитивен момент од 2020 година, го издвои влезот на Македонија во Европското првенство.

„Имам две најдобри искуства со фудбалери, а тие се кога бев на гости кај Пол Погба во Манчестер и кога го запознав Дејвид Бекам во Њујорк“, изјави тој.

Како ќе ги поминеш претстојните празници?

-Како повеќето од луѓето, јас ќе ги поминам празниците дома со мојата фамилија. Баш ми е жал што не можам да славам Нова Година со друштво од одделение како што планирав, но тоа ќе мора да се одложи за следната година.

Како ти влијаеше корона-кризата? Задоволен ли си од онлајн наставата? Како изгледаат дружбите со пријателите во време на пандемија?

-Мене оваа пандемија ми влијаеше и ментално и физички. Поминував премногу време дома, а јас сум човек кој цело време сака да биде надвор и тоа не ми се допаѓаше. Немав редовна физикална терапија која ми е потребна и тоа ми влијаеше на моето физичко здравје. Онлајн наставата не ми се допаѓа многу поради изолираноста, бидејќи кога одевме во училиште покрај тоа што учевме и многу се дружевме. Дружбите во време на пандемијава се многу комплицирани затоа што се поретки, мора да бидеме со маски, да бидеме на дистанца и во отворени простори.

Позитивен момент од 2020 година?

-За мене најпозитивен момент во 2020 беше кога Македонија влезе во европско првенство. Во оваа тешка година тоа беше голема радост за сите.

Имаш запознаено многу познати личности и спортисти, како од Македонија така и од светот. Кое искуство би го издвоил како омилено? Кој од нив ти има оставено посебен впечаток?

-Имам две најдобри искуства со фудбалери, а тие се кога бев на гости кај Пол Погба во Манчестер и кога го запознав Дејвид Бекам во Њујорк. И двајцата беа многу природни, опуштени и срдечни. Со Погба имав повеќе време и осетив дека е доста весел човек. Покрај тоа, од нивните постапки се гледа дека се хумани луѓе кои сакаат да направат добри дела.

Лани присуствуваше и имаше свое обраќање како застапник за деца со пореченост од Македонија на глобалниот самит на УНИЦЕФ во Обединетите нации во Њујорк, по повод Светскиот ден на детето. Опиши ни го искуството. Што ти остави најголем впечаток?

-Искуството беше неопишливо, бидејќи имав голема одговорност да претставувам една специфична категорија на деца на која што им е потребна помош и се надевам дека го постигнав ефектот. Најголем впечаток ми остави запознавањето на другите деца кој се борат за различни права на децата како мене.

Годинава ти беше доделено Посланието за хуманост „Мајка Тереза“. Какво беше чувството да се добие такво големо признание?

-Бев многу среќен и благодарен за признанието, затоа што од мали нозе сум сакал да им помагам на тие што им треба помош и тоа ме исполнува.

Што ти e најголема желба која би сакал да се оствари во 2021 година?

-Оваа година желба ми е Македонија да ја помине групната фаза на европското првенство.

Што ќе ѝ порачаш на македонсата јавност во овие тешки времиња?

-На македонската јавност би сакал да ѝ посакам Среќна Нова Година и да ѝ порачам да остане силна во овие тешки времиња.

С.К.

Слични содржини