ИНТЕРВЈУ со Пере: Секогаш кога сакам да се пожалам од короната, помислувам на сите оние семејства кои ги изгубија своите најблиски

од Stefanija Kuzmanovska

Секогаш кога сакам јавно да изразам мислење или да се пожалам од корона-кризата, помислувам на сите оние семејства кои ги изгубија своите најблиски во битката со коронавирусот. Помислувам и на здравствените работници кои секојдневно се изложени на ризик и макотрпна работа и кои со денови не си ги гледаат семејствата и некако не ми дава душа да се жалам, вели во интервју за „Локално“ Никола Перевски – Пере од музичката група Нокаут.

Фала му на Бога, вели Пере, публика имаме и таа останува да биде нашата најголема поддршка.

– Се додека таа е на наша страна, ќе не има и нас, изјави тој.

Додаде дека периодов Нокаут го привршува новиот албум, кој би требало да излезе многу наскоро.

Во врска со настапите под строги протоколи поради пандемијата на коронавирус, Пере наведе дека „среќен што е на сцена пред публиката, но загрижен си за нејзината безбедност“.

Во однос на документарец за Нокаут, тој најави „досега нераскажани приказни“.

– Ќе ѕирнете зад сцената и на сцената. Ќе запознаете многу наши драги пријатели и соработници. Ќе го видите бендот во светло во кое досега не сте го виделе“, открива тој.

Кој ваш настап или концерт посебно ви значи?

Ова е едно од најтешките прашања за музичарите. Ама ако морам да бирам тогаш би ги одбрал концертот во Метрополис Арената во 2011 година, и последниот голем концерт во СРЦ Кале во 2018 година.

Првиот затоа што тоа беше првиот голем концерт кој го имавме со новата постава и кој по сите основи беше концерт кој ги крена стандардите за организирање концерти. Со однапред осмислено сценарио, со сценографија и костими достојни за професионална театарска претстава, со 7.000 луѓе во публика жедни за македонска музика. Секако и заради тоа што тоа беше првиот концерт организиран од мојот брат Бојан, кој со помош на екипа прекрасни и посветени луѓе вложи многу труд и напор сето тоа да изгледа професионално.

За концертот во СРЦ Кале ме врзуваат неколку емотивни моменти. Прво затоа што тоа беше салата во која го имавме првиот концерт со старата постава. Неописиво чувство кое никогаш не се заборава. Второ затоа што исто како и 20 години претходно, беше организиран од Авалон продукција. И трето, затоа што во таа сала одиграв неколку значајни натпревари периодот кога активно играв кошарка. Прекрасни спомени за прекрасни времиња.

Која песна е „личната карта“ на Нокаут?

Уф. Одговорот на ова прашање никогаш не е ист. Се менува периодично. Во моментов тоа е „Сакам да живеам“, последната песна излезена од креативната работилница на бендот. До пред неколку години тоа беше „Знаеш каде да ме најдеш“. Претходно „Лебедот бел“. А на почетоците тоа беше „Еј Би Си“.

Така што зависи во кој период од историјата на нашето постоење е поставено ова прашање.

Што ѝ недостига на македонската музичка сцена?

Во моментов ѝ недостигаат концерти, кои за жал, заради пандемијата се забранети. А отсекогаш ѝ недостигала почитта кон домашните изведувачи. Се помал е бројот на музички емисии кои ја промовираат македонската музика, и речиси и да не постои издржана музичка критика. А, да не зборуваме за разликата во хонорари кои ја добиваат македонските музичари и оние од соседството.

Фала му на Бога публика имаме. И таа останува да биде нашата најголема поддршка. Се додека таа е на наша страна, ќе не има и нас.

Колку и како ви влијаеше корона-кризата?

Има ли некој кој не е погоден од таа криза? Секогаш кога сакам јавно да изразам мислење или да се пожалам, помислувам на сите оние семејства кои ги изгубија своите најблиски во битката со коронавирусот. Помислувам и на здравствените работници кои секојдневно се изложени на ризик и макотрпна работа и кои со денови не си ги гледаат семејствата и некако не ми дава душа да се жалам. Посакувам само здравје и здрав памет. Не може ова да трае вечно.

Како изгледаше вашето секојдневие во изминативе месеци, откако поради коронавирусот значително беа редуцирани музичките настапи и снимањето албуми?

Повеќе време за креативна работа. Го привршуваме новиот албум, кој би требало да излезе многу наскоро. Повеќе време со семејството, со моите ќерки Михаела и Каја. Неодамна ја добив и третата ќерка Софиа, па речиси и да немам вишок слободно време. Секако се трудам да најдам и време да се видам со останатите членови на бендот, Борче Кузмановски, Виктор Николовски, Благоја Антовски, Горјан Петровски и Горан Кавраков, без чија поддршка и посветенот групата не би постоела толку долго.

Со песната „Сакам да живеам“ победивте на музичкиот фестивал „Макфест 2020“. Имавте и свирки според новите протоколи поради коронавирусот. Какво е чувството да настапувате во попразна сала во ова „време-невреме“ и имаат ли, според вас, смисла настапите со ограничен број на публика?

Чувствaтa се измешани. Среќен си што си на сцена пред публиката, но загрижен си за нејзината безбедност. Постојано ѕиркаш и проверуваш дали е се според протоколите, но во исто време се трудиш да пренесеш емоции и да создадеш атмосфера на „нормален“ концерт. Не си сигурен дали публиката ужива, затоа што не им ги гледаш лицата од маските, движењето им е ограничено, а и тие самите се некако постегнати. Сепак убаво е да го одржуваш контактот со фановите. Имаш можност преку музика да им влееш доверба и надеж дека се ќе биде во ред. Дека наскоро ќе можеме повторно да уживаме во концертите како што сите знаеме. Дека животот повторно ќе се врати во нормала.

Во октомври излезе и спотот за песната „Сакам да живеам“. Како се одвиваше снимањето на спотот во време на пандемија?

На безбедна дистанца, како што може и да се види од самиот спот. Секое снимање за нас е ново и убаво искуство. Посебно сме среќни што Motion Emotion успеа да го извлече максимумот и да ја искористи убавината на Македонија за да ги пренесе сите емоции кои со себе ги носи песната.

Дали искористивте некоја од економските мерките кои ги донесе Владата и важеа за помош на естрадни уметници? Доколку да, колку сте задоволни?

Секоја помош во вакви времиња е добредојдена. Секогаш може повеќе и секогаш може подоборо.

Неодамна најавивте документарец за Нокаут. Што ќе можеме да видиме во него и кога да го очекуваме?

Ќе чуете досега нераскажани приказни. Ќе ѕирнете зад сцената и на сцената. Ќе запознаете многу наши драги пријатели и соработници. Ќе го видите бендот во светло во кое досега не сте го виделе. За датумот на неговата промоција се уште не можам да зборувам. Снимањето се уште трае, а потоа следи постпродукција… Секако дека навремено ќе бидете известени.

Дали работите на нешто ново во моментов?

Пред се работам на себе. На моето здравје и семејството. Од време на време ги полнам страниците на автобиографијата, за која се надевам дека ќе соберам храброст да ја завршам и објавам. Работам на новиот албум заедно со бендот. Работам и на тоа да оставам нешто значајно и вредно зад себе.

 Идни планови?

Да останам жив, здрав, заљубен и опкружен од искрени пријатели.

С.К.

Слични содржини