ИНТЕРВЈУ со Шилегов: „Модерно Скопје“ нема врска со тие што имаат слоган „Цело Скопје ВМРО-вски град“

од Берта Китинска

Многу наши гласачи од Скопје не излегоа во првиот круг со што испратија сериозна порака кон СДСМ. Пораката на граѓаните е примена, СДСМ е партија која учи од своите грешки. Токму затоа во вториот круг продолжуваме со порака „Скопје се обединува и продолжува напред“, вели во интервју за „Локално“, актуелниот градоначалник  и кандидат за втор мандат од СДСМ, Петре Шилегов.

Според него, во Скопје резултатите се речиси изедначени, откако битката во првиот круг се водеше со 11 противкандидати. Шилегов смета дека „во второто полувреме ќе има сосема друг натпревар“, бидејќи ќе има два сосем различни концепти за Скопје.

Во однос на изјавата на опозицијата „СДСМ ќе падне, откако Шилегов ќе падне во Скопје“, кандидатот за градоначалник смета дека „скопјани знаат дека „модерно Скопје“ нема врска со тие што имаат слоган „Цело Скопје ВМРО-вски град“.

-Воопшто не сум засегнат од црната кампања на ВМРО-ДПМНЕ, која нема ни свој кандидат за градоначалник на Скопје, а веќе го прогласија Скопје за „ВМРО-вски град“ славејќи со зурли и тапани пред нивната криминална палата. Фокусиран сум на вториот круг на изборите на 31 октомври, и на понудата за скопјани. Скопјани знаат дека „модерно Скопје“ нема врска со тие што имаат слоган „Цело Скопје ВМРО-вски град“ кои систематски и осветнички го уништуваа секој траг на модернизмот во Скопје, и иднината на младите во Скопје.

„Победувам во првиот круг“ изјавивте веднаш откако гласавте во првиот круг од локалните избори. На крајот загубивте со над 7.000 разлика. Се кажа и кажавте многу во изминатава недела за причините за ваквиот резултат, но генералната слика е дека резултатот нема да се промени и по вториот круг. Верувате ли вие сепак во пресврт?

– Во Скопје резултатите се речиси изедначени, а битката во првиот круг беше со 11 противкандидати. Второто полувреме е сосема друг натпревар, каде што се соочуваат два сосем различни концепти за Скопје. Заканите и говорот на омраза по првиот круг во Скопје од тие што предвреме го славеа Скопје како „вмро-вски град“ не се чекор напред, туку два чекора назад. На Скопје не му треба враќање во мрачната 2017 кога на скопските улици се сееја омраза и поделби, туку континуитет во развојот кој го направивме овие четири години. Токму затоа верувам дека мудроста на скопјани ќе биде посилна од гневот, и дека ќе победам во вториот круг.

Седумдесет илјади гласа помалку во однос на минатите избори, веројатно не верувате дека ова е само поради „црни кампањи“ на ВМРО-ДПМНЕ, за кои зборувавте пред некој ден на прес-конференција?

-Многу наши гласачи од Скопје не излегоа во првиот круг со што испратија сериозна порака кон СДСМ. Пораката на граѓаните е примена, СДСМ е партија која учи од своите грешки. Токму затоа во вториот круг продолжуваме со порака „Скопје се обединува и продолжува напред“. Продолжуваме со позитивна порака која обединува, наспроти ВМРО-ДПМНЕ кое продолжува со црна кампања која поттикнува поделби и разединува.

Каде ќе барате „глас плус“ за вториот дел од трката? Веројатно таргет се оние кои не излегоа во првиот круг и гласовите на довчерашните коалициски партнери, кои ви „откинаа“ добар дел, иако уште од сеа слушаме гласови од партиите (ЛДП и ДОМ) дека нема да поддржат ниту еден кандидат?

-Во вториот круг битката не е само за тие речиси 50 илјади гласа на кандидатите кои веќе не се во игра, туку и за охрабрување на оние скопјани кои не излегоа во првиот круг. Лично верувам дека не само гласачите на ЛДП и ДОМ, туку и најголем дел од гласачите на Зелен Хуман Град и Левица не го замислуваат Скопје како нетолерантен „вмро-вски град“ – како поделен град на конфликти, закани, тензии и густ облак од омраза и нетрпеливост. Тоа Скопје го оставивме зад себе во 2017, и за овие четири години покажавме дека Скопје може да биде мирно, поспоено, пообединето и со похармоничен развој. Токму затоа верувам дека скопјани ќе се одлучат за уште еден голем чекор напред, а не за враќање назад во конфликтното „Скопје 2014“, сега надградено и проширено.

Ќе го реши ли албанскиот електорат (ДУИ) повторно прашањето кој ќе биде иден Градски татко?

-Воопшто не ги делам скопјани по нивната етничка или политичка припадност, ниту дали живеат на левата или на десната страна на Вардар. Пред моето доаѓање како градоначалник, Скопје беше поделен град, во кој се вложија околу 700 милиони евра за уништување на модерно Скопје во центарот и негово претворање во „Барокно Скопје“. Да не заборавиме, во сите останати општини речиси и не се вложуваше во инфраструктура и во потребите на скопјани. Како градоначалник се трудев Скопје рамномерно да се развива како град и да се вложува во проекти согласно потребите на граѓаните во секоја скопска општина.

Пред да станам градоначалник, главните капитални инвестиции во Скопје беа во барокни фасади, партиски плоштади, градски плажи, палми, и споменици кои немаат врска со потребите на скопјани. Главните вложувања во мојот мандат беа во инфраструктура за потребите на сите скопјани, за европско и модерно Скопје, а не за Скопје како главен град на кичот и лажниот барок. Токму затоа и имам подршка не само од ДУИ, туку и од скопјани кои беа заборавени и игнорирани за време на децениското владеење на ВМРО-ДПМНЕ.

Во изминатите дебатни емисии од вашите против кандидати често бевте напаѓан дека сте арогантен, а голем дел од граѓаните на социјалните мрежи изразуваат слични ставови. Дали во текот на кампањата добивте впечаток дека некои работи можеби треба да ги смените или да поработите на нив за да ја покажете вашата отвореност кон скопјани?

-Црната кампања против мене со години сака да ме претстави како арогантен, неотворен кон скопјани, и што уште не. Во текот на кампањата покажав дека сум отворен и за критики, стоички издржав и многу неосновани и лични напади во текот на ТВ дебатите, докажав дека ги слушам граѓаните и дека сум за демократско и отворено Скопје. Пред да станам градоначалник воопшто немаше дебати, Коце Трајановски избега од дебата во вториот круг во 2017, како што бегаше цела деценија и ВМРО-ДПМНЕ на чело со Груевски. Нема поголема ароганција од бегањето од дебати, од одбивањето да се одговори на прашања, како што тоа го прави сега мојата противкандидатка од ВМРО-ДПМНЕ која лажно се претставува како „независна“.

Едно од прашањата кое крена најмногу прашина и кое доби доста простор во медиумите е бесплатниот превоз и наводно „средување“ на ЈСП од страна на вашата против-кандидатка. Најави 250 еко автобуси, и додаде дека подобро е да се вложува во нив, отколку во вашиот БРТ проект. Држи ли вода ова тврдење?

-Нема такво нешто како „бесплатен јавен превоз“ – ако не се плаќа билет превозот ќе го плаќаат сите скопјани, а не само патниците. Да понудиш бесплатен превоз за одредени загрозени социјални групи е едно, но да понудиш за сите е сосема друга, неодговорно, ветување. Противкандидатката арогантно одбива да одговори на новинарски прашања колку ќе ги чини сите скопјани нејзиното нереално ветување за бесплатен превоз со нови 250 еко автобуси. Се додека нема одговори колку тоа ќе ги чини Скопјани, нема ни проект.

Граѓаните секојдневно се сведоци за нејзините манипулации и ретерирања. Прво тврдеше дека имало бесплатен превоз во 67 држави во Европа, која нема толку држави, а има само во една богата држава – Луксембург. Потоа тврдеше дека имало бесплатен превоз во многу европски метрополи, а нема ниту еден град со големина како Скопје во кој е воведен бесплатен јавен превоз.

Потоа почнаа манипулациите со електричните автобуси, со објавени фотографии и реклами од прескапи електрични автобуси од 18 метри, за кои повторно арогантно одби да каже колку ќе чинат. Пред неколку дена, наместо во двокатен дизелаш загадувач (такви купи партијата што ја финансира нејзината кампања), таа се возеше во МАН и почна да зборува за купување на 150 автобуси на CNG, какви што набавивме ние. Граѓаните стануваат свесни дека не знае веќе што  зборува. Еден ден воопшто не зборува за електрични авотбуси, туку за постепено прилагодување на 100 автобуси на „алтернативен енергенс“.  Следниот ден заборава што кажала вчера и пак зборува за набавка на електрични автобуси, ама не веднаш како што манипулираше претходно. Гледајќи колку е неупатена, машински инженери почнаа да и даваат бесплатни лекции дека електричните автобуси чинат 500.000 евра и повеќе (а тие на ЦНГ – околу 300.000 евра). За набавката на толку автобуси со нова автобаза и опрема, со стотици нови механичари, инженери и возачи, еден инженер од ЈСП и укажа на Арсовска дека „ЕДНА МИЛИЈАРДА не не крпи, дури и од Тајван да е“.  Накусо, маските почнаа да паѓаат, и се повеќе скопјани стануваат свесни дека ветувањето ветувањето за бесплатен превоз со 250 електрични автобуси како тие од 18 метри што ги рекламира Арсовска, е ветување како „Милијардата на Циле“.

Кога сме кај ЈСП, граѓаните се навистина незадоволни од јавниот превоз, а самото претпријатие се смета за место за „вдомување“ на партиски кадри и е целосно нефункционално. Опозицијата излегува и со информации за наводен криминал таму, па како според вас може да се „среди“ и дали имате некаков план по ова прашање?

-ЈСП веќе не е легло на криминал, нема веќе криминални мега-набавки на неквалитетни дизел автобуси, ЈСП денес не гради Панорамско тркало од речиси 20 милиони евра. ЈСП има директор кој е обвинет за криминал и тој му беше генерален секретар на Мицкоски и прославуваше на плоштадот пред белата палата во неделата. Во ЈСП денес нема протести на автобусите пред седиштето на опозицијата, како во времето на Груевски и Трајановски.

Со набавката на МАН-овите покажавме дека работиме многу подомаќински од нашите претходници. Двокатните дизелаши годишно трошат 25.000 евра гориво по автобус повеќе отколку МАН-овите на CNG, и со набавката на штедливите МАН-ови ние веќе заштедивме милиони евра за гориво кое енормно го загадуваше воздухот. Со новата флота ултра-еколошки автобуси, која е дел од проектот за Брз автобуски превоз (БРТ), заштедите ќе бидат уште поголеми, а воздухот во Скопје уште почист, зашто новитеа втобуси ќе бидат со хибриден погон на гас и електрична енергија.

За разлика од Арсовска која нема ни проект, ни буџет, и најавува дека допрва ќе аплицирала во европски фондови за набавка на електрични автобуси, ние имаме готов детален проект и веќе обезбедени финансии. Со воведувањето на БРТ (Bus Rapid Transit) системот, ЈСП целосно ќе се модернизира и веќе нема да биде нефункционално. БРТ е токму она што на нашиот главен град веќе со децении му недостасува – сообраќајно решение не само за намалување на градскиот метеж, чекањето на семафори и аерозагадувањето, туку и за намалување на загубите на ЈСП, кое беше погодено од пандемијата како и другите сообраќајни претпријатија насекаде во светот.

„СДСМ ќе падне, откако Шилегов ќе падне во Скопје“ слушаме од опозициската партија во изминатава недела, откако повторно се лиферуваат информации за предвремени парламентарни избори во 2022 година? Точна ли е оваа констатација и дали ќе имаме предвремени следната година? 

-Веќе ви напоменав, воопшто не сум засегнат од црната кампања на ВМРО-ДПМНЕ, која нема ни свој кандидат за градоначалник на Скопје, а веќе го прогласија Скопје за „ВМРО-вски град“ славејќи со зурли и тапани пред нивната криминална палата. Фокусиран сум на вториот круг на изборите на 31 октомври, и на понудата за скопјани. Скопјани знаат дека „модерно Скопје“ нема врска со тие што имаат слоган „Цело Скопје ВМРО-вски град“ кои систематски и осветнички го уништуваа секој траг на модернизмот во Скопје, и иднината на младите во Скопје.

Во неколку скопски општини, вклучувајќи ги Центар и Карпош можно е губење на градоначалничките места. Левица, како што објави Апсиев, во Советот на Град Скопје влегува со најмалку четири советници, а во целата држава ќе има 50 до 60 советници, иако учествувале со свои листи во само 38 општини. Ја потценивте ли (повторно) силата на оваа партија?

-На сите советници во Советот на град Скопје им го честитав изборот и се надевам дека со сите партии и советници ќе соработуваме за помодерно, похумано, и позелено Скопје, во интерес на сите скопјани.

Генерално го изгубивте и мнозинството во Советот на Град Скопје. Ќе биде ли тешко управувањето доколку сепак повторно ја добиете довербата на граѓаните?

-Доколку ја добијам довербата на граѓаните на 31 октомври, верувајте, ќе обезбедам и соработка во Советот на Град Скопје која ќе овозможи непречено функционирање на градот, јавните претпријатија и градската администрација. Мојата победа на 31 октомври ќе биде клучната порака за обезбедување на ново мнозинство, кое сега го нема.

Велите: „Скопје е град за сите, јас сум градоначалник што обединува“. Иако се чини дека државата остана длабоко поделена и по овие избори, кои беа клучните проекти со кои, според вас, сте успеале да го обедините главниот град? 

-Направивме повеќе за 4 години отколку ВМРО-ДПМНЕ за 22 колку што го управуваа градот. За разлика од 2017, Скопје во 2021 не е град на етнички конфликти, не е најзагаден град во Европа, не е град без попис, со блокирани тротоари и велосипедски патеки, со искасапено Водно и испустени градски плажи, и град во кој власта бега од дебати и новинарски прашања.

Градот се развиваше рамномерно, секаде еднакво, без разлика дали живеете на север или на југ, на исток или на запад. Создаваме град во кој младите ќе се доселуваат, а нема да заминуваат.

Главните вложувања во мојот мандат беа во булевари, мостови, велопатеки, зеленило, нови паркови место депонии, намалување на оџаците со субвенции за инвертери и велосипеди, нови еко-автобуси, во нов кеј и нови зелени кровови и урбани скверови, во реконструкција на Универзална Сала, во обновување на Зоолошката градина, во нов стационар „Лајка“, во нови возила и контејнери за почист град, во најсовремена противпожарна опрема, итн. Тоа се вложувања за потребите на сите скопјани, за европско и модерно Скопје, а не за Скопје како главен град на кичот и лажниот барок.

Сега Скопје е многу позелено, почисто и покумано отколку пред четири години. Затоа Скопје, градот убав, градот на хуманоста и солидарноста заслужува да продолжи по вистинскиот пат, патот на развојот и напредокот на светските метрополи.

Што е она кое ќе го продолжите да го реализирате во оваа насока доколку го добиете вториот мандат?

-Благодарам што конечно ми поставивте и прашања во врска со мојата визија и мојата програма. Мојата визија за Скопје е за град што сите ќе го чувствуваат за свој, без разлика на потекло, пол или социјален статус. Град каде што објектите се енергетски ефикасни, каде што природата живее заедно со луѓето и каде што загадувањето на воздухот е дамнешно минато. Имаме визија и план за Скопје како зелен и енергетски ефикасен град, град кој уште поуспешно се справува со аерозагадувањето и ефектите од климатските промени.

Клучно за иднината на Скопје е донесувањето на ГУП-от во 2022 година, кој ќе го одреди развојот на градот во следната деценија. Веќе укажав дека криминалното донесување на ГУП-от во 2011 од страна на ВМРО-ДПМНЕ предизвика урбанистички хаос и огромно незадоволство кај скопјани. Тоа не смее да ни се повтори, и токму затоа првиот мој предизвик ќе биде носење на ГУП за градот во кој ќе се гради по план, во кој ќе се хуманизира просторот и во кој ќе нема место за тешката индустрија, како што се Железара и Цементарница. А, ќе нема место и за јужната обиколница што Коце Трајановски ја стави во ГУП-от од 2012 и која што требаше да се гради на Водно.

И во следните четири години  систематски и плански ќе ја градиме градската инфраструктура. Ќе изградиме нови раскрсници и конекции за да се намали градскиот метеж. Патувањето од источниот до западниот дел на градот ќе има алтернатива што нема да поминува низ строгиот центар на градот, кој ќе биде најголема пешачка зона во Европа. Ќе продолжиме да ја реализираме стратегиската определба на градот за безбедна и пријателска околина за пешаците и велосипедистите не само во центарот на градот, туку и во сите скопски општини.

Ги поканувам скопјани да ја прочитаат мојата програма во која се наведени сите проекти кои се во насока на изградба на инклузивен град на еднакви можности во кој сите заеднички креираме политики за наше заедничко добро. Скопје заслужува да продолжи да се развива со засилено темпо како што се развиваше во изминативе четири години.

Затоа, драги мои скопјанки и скопјани, излезете на 31 октомври за Скопје, и гласајте за нашата иднина и иднината на нашите деца. Да излеземе сите заедно на 31 октомври, и да се обединиме за победа на напредно, хумано и зелено Скопје!

В.З.

Слични содржини