Интервју со Шкријељ: Оспорување на реформа за која јавност и ЕУ велат дека е успешна, е манифестација на партиско слепило

од Ивана Рамаданова

Покажавме дека резултатите се видливи и конкретни кога социјалната политика, грижата за сиромашните и маргинализираните и принципите на правичност се вистински важни за Владата, вели во интервјуто за Локално.мк дополнителната заменик министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ.

„Го променивме начинот на кој државата се грижи за своите граѓани и сериозно ги зголемивме финансиските трансфери. Втората половина од социјалната реформа е поддршка на локалните заедници да им овозможат на граѓаните квалитетни социјални услуги, кои ќе бидат креирани согласно локалните потреби“, вели заменик министерката.

Искоренување на детската сиромаштија, според Шкријељ и  обезбедување на еднаква шанса за секое дете мора да биде приоритет, како и понатамошно проширување на капацитетите за опфат на децата во предучилишна грижа и воспитување.

„Неопходно е да се вложува во подобрување на квалитетот на предучилишното образование со цел да ги подготвиме децата за предизвиците на современото живеење, преку воведување на програма за социоемоционален развој и целосно ревидирање на програмите за рано учење и развој. Раст на платите, поддршка за креирање на нови работни места и унапредување на работничките права се високо на агендата на приоритети“, додава заменик министерката.

Што е она на кое работите моментално, а се однесува за подобрување на условите и животот на најмалите?

– Вложувањето во децата е единствен начин да изградиме здраво граѓанско општество. Наша примарна цел е искоренување на детската сиромаштија и обезбедување еднаква шанса за секое дете. За две и пол години инвестиравме 180 милиони денари во 43 градинки. Обезбедивме 15 милиони евра за изградба на инклузивни и енергетски ефикасни детски градинки. Ги ослободивме од плаќање надоместок за градинка самохраните родители во социјален ризик. Системски го решивме прашањето за бесплатно вклучување во предучилишно образование на децата Роми од семејства во ризик. Македонија е прва држава во регионот која обезбеди пилот-програма за социемоционален развој на децата во градинките.

Во моментов работиме на проширување на таа програма на национално ниво, заедно со Светска Банка и УНИЦЕФ. Изработени се и нови компетенции за наставниот кадар во градинките, кои треба да влезат во новата ревидирана програма за рано учење и развој.

Продолжуваме со инвестиции во градинките. Привршуваат подготовките за отварање на неколку градинки со што се зголемува процентот на опфат на деца во предучилишното образование, посебен фокус ставаме на руралните средини. Работиме на воведување на програма за родителство во 15 советувалишта во градинките. Заедно со УНИЦЕФ работиме на воспоставување на Центрите за поддршка на згрижувачките семејства и поттикнување на згрижувањето како форма на заштита на децата.

Како министерство, успеавте да ги извлечете сите деца од институциите. До каде е процесот со извлекување на постарите лица?

– Пред две години многумина ни велеа дека сме преамбициозни а сега веќе нема деца до 18 години сместени во институции. Сите се префрлени во семејно окружување или во средина којашто е најблиска до семејната. Нема да дозволиме да се повторат случаи од минатото, кога во институции беа врзувани корисници. Во тек е втората фаза на деинституционализација каде и повозрасните корисници почнуваат живот со поддршка, во локалните самоуправи. Од ЈУ Завод за рехабилитација Бања Банско Струмица се преселени девет корисници, од ЈУ Специјален завод Демир Капија преселени се седум возрасни корисници. Со еу-грант од 1,7 милиони евра, ќе продолжи поддршката на процесот на напуштање на институциите и трансформацијата на заводите.

Постојат ли одредени опструкции во Министерството за труд и социјална политика?

– Приоритет ни е интересот на граѓаните и затоа постојано повикуваме на конструктивност и соработка, за да нема проблеми во функционирањето на министерството. Другата страна очигледно нема иста цел. Жално е што еден демократски механизам грубо се злоупотребува. Техничката министерка, само неколку дена по доаѓањето, донесе решенија за кадровски промени на в.д. директорите во поедини Центри за социјална работа, без мое знаење и без моја согласност, што е директно кршење на закон.

Јасно е зошто техничката министерка сака да негира сё што изминативе две и пол години е постигнато во сферата на социјалната политика. Но, и нашата позиција е јасна – никакви опструкции не може да ја негираат пресвртницата што ја направивме во третманот на ранливите категории. Не е само зголемувањето на износот и зголемувањето на опфатот на социјалните трансфери и услуги, туку и изменетиот однос кон граѓаните кои од различни причини се нашле во социјален ризик. Ги заштитивме и им го вративме достоинството на ранливите категории граѓани.

Колку успеа новата техничка министерка Рашела Мизрахи да научи која е суштината и улогата на вашето заедничко постоење во ресорното министерство?

– Техничкиот министер и дополнителниот заменик на министер треба да обезбедат припрема на министерството за фер и демократски избори. Заедно треба да ги решаваме правните и кадровските прашања и заедно да носиме одлуки, за да нема влијание врз изборниот процес. Наша обврска е и да овозможиме функционирање на Министерството согласно закон, со цел граѓаните навремено да ги остваруваат своите права и навремено да добиваат квалитетни социјални услуги.

Што и колку успеала да научи новата техничка министерка ќе оценат граѓаните. Она што не смее да се случува е министер да спроведува тврда партиска агенда. Тоа и штети на институцијата и на вработените и не е во интерес на граѓаните.

Почнаа ли да се оддржуваат координативните состаноци со министерката Мизрахи и колку таа е расположена за добра соработка со вас и вашиот тим?

– Постапувањето во изминатиот период остава простор за сериозен сомнеж во искреноста и вистинската желба да се работи заеднички. Но, без оглед на однесувањето на техничкиот претставник од опозицијата во министерството, ги уверувам  граѓаните дека не треба да се вознемируваат – сите права и услуги ќе им бидат навреме испорачани. Тие се утврдени со закон и прописи, кои исто така пропишуваат механизми за нивно извршување и кога некој прави опструкции. Нема враќање назад. Ние наследивме исплата на  социјални трансфери со два месеци задоцнување. Оваа Влада и Министерството за труд и социјална политика овозможија редовни и навремени исплати. Минатиот месец, на 3 јануари беа исплатени декемвриските трансфери. Според календарот, најдоцна до 7 февруари треба да се случи исплатата за јануарските трансфери. Застој во исплата на права и испорака на услуги не смее да има.

Сведоци сме дека се уште постојат деца кои просат низ улиците и семафорите во Скопје. Воедно сме сведоци дека низ центарот на градот постојат бездомници кои спијат на самата улица. Што ќе превземе министерството во иднина со овие ранливи категории?

– Како дел од социјалната реформа ги засиливме активностите за работа со децата на улица, затоа што секое дете има право на безгрижно детство, без насилство, експлоатација и злоупотреба. Формиравме мобилни тимови, ги евидентиравме  децата на улица, тимовите одат во домовите на семејствата, разговараат со родителите на децата и ги поврзуваат со соодветните институции и тела кои понатаму им ја даваат потребната помош, заштита и поддршка. Пристапот е мултисекторски, со цел вклучување и задржување на децата во редовниот образовен процес, што е примарна цел во работата со деца на улица.

На подрачјето на град Скопје во моментот функционираат два дневни центри за деца на улица. Едниот е во Општина Кисела Вода и е организациона единица на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на град Скопје, а другиот е менаџиран од НВО-Здружение за заштита на правата на детето во Шуто Оризари, финансиски поддржан од Министерство за труд и социјална политика.

Зајакнувањето на семејството е еден од фокусите на реформата во системите на социјалната и детската заштита. Освен што ја зголемивме социјалната помош во просек за 300 отсто, утврдивме и детски, образовен и енергетски додаток. Истовремено, стручни тимови работат во извлекување на семејствата од социјалниот ризик во којшто се наоѓаат, преку активација на пазар на трудот, бидејќи само преку вработување може трајно да се излезе од магичниот круг на сиромаштија и да се развие чувство за самопочит, самодоверба и преземање одговорност за животот. Проблемот на децата на улица го решаваме со комбинацијата на повисока социјална помош, механизми за вработување и задржување на децата во училиштата.

За хуман третман на бездомните лица работи прифатилиштето во Чичино село Скопје, а повеќе од 90 лица кои беа затекнати под Кале се згрижени во Момин поток Скопје и во старата зграда на ЈУ за згрижување деца со воспитно социјални проблеми и нарушено поведение 25 Мај. Министерството од 2018 година ги финансира и пунктовите за бездомни лица на Црвениот Крст во Скопје, Струга, Струмица и Битола кои се отворени 24 часа во деновите кога има најава за студени бранови. Продолжуваме да работиме на обезбедување соодветно домување за овие лица, поддржано од стручни лица, за да им се помогне да започнат нов живот, да најдат соодветна работа и понатаму да продолжат самостојно да се грижат за себе и за семејствата.

Неодамна еден медиум објави уште една потресителна приказна за синот и мајката од Велес кои живеат во застрашувачки услови. Колку центрите за социјална работа си врашат својата работа. Се чини дека медиумите секојдневно откриваат вакви тажни приказни…

Реформата на системот на социјална заштита цели кон постојано намалување на вакви случаи. Пред две и пол години затекнавме руиниран, тоа не може да се нарече ни систем, на социјална заштита. Наследивме запоставени корисници на социјална помош, но и запоставени Центри кои требало да им помагаат. Во центрите најдовме вработени со средно образование – фризери, со земјоделско образование, ветеринари. Имаше центри каде што немаше ниту еден стручен тим. Дополнително, лоши услови во кои работат, немање возила, немање ресурси за работа. Почнавме со вработување на социјални работници во Центрите, ја зголемивме платата кај стручните работници за 27 отсто или 4.585 денари во просек по вработен. Истовремено ја зајакнуваме мрежата на социјална заштита. Кога почнавме, имаше само 30 канцеларии низ цела држава. За поголема достапност на правата и услугите од социјалната заштита, се отвараат нови локални канцеларии за социјална работа.

Со зголемувањето на финансиските трансфери, целта беше извлекување од сиромаштија. Сега го воведуваме системот на „управување со случај“. Ја менуваме практиката според која Центрите за социјална работа, кога, на пример, во едно семејство има насилство, го водат во неколку оддели, одделно насилството, одделно барањето развод, старателството. Како да не станува збор за исто семејство. Со воведувањето на управувањето со случај, корисникот и неговото семејство, нивните индивидуални потреби се во центарот на вниманието и се основа за обезбедување на права и услуги. Оваа можност е предвидена во новиот Закон за социјална заштита.

Со посветеноста и постојаните вложувања во стручните работници, како и специјализирани обуки и тренинзи, воведување на супервизија и менторство во соработка со УНИЦЕФ, бројот на вакви случаи постојано ќе се намалува.

Сметате ли дека техничката министерка Мизрахи со нејзините постапки  го руши системот во Министерството за труд и социјална политика и работи спротивно на интересите на граѓаните?

– Граѓаните се тие што точно ќе проценат. Наше е да продолжиме да ги реализираме политиките што покажуваат резултати. Оспорување на реформа за која целата јавност и претставници на ЕУ велат дека е успешна, е манифестација на партиско слепило.  Критики на процесот на деинституционализација водени од дневно-политички цели, јавноста ги препознава како јалов обид за нивна стагнација.

И.Р.

 

 

Слични содржини