Италија пред нова голема блокада

од Vladimir Zorba

Италијанската влада одобри поостри мерки против ширењето на Ковид 19, а од понеделник половина од земјата, вклучително и регионот Лацио, на кој припаѓа и Рим, може да биде во целосна блокада, бидејќи скокна бројот на новоинфицирани .

Кабинетот на италијанскиот премиер Марио Драги даде зелено светло за декрет според кој регионите ќе бидат категоризирани како „црвени зони“ со висок ризик доколку забележат повеќе од 250 нови случаи на 100.000 жители неделно, пишува Гардијан.

Третата по големина економија во еврозоната во четвртокот забележа скоро 26.000 случаи на новоинфицирани со Ковид- 19, додека 373 починаа како резултат на инфекцијата.

Од почетокот на пандемијата пред една година, повеќе од 100.000 луѓе починаа од вирусот корона во Италија, поради што беше воведена повеќемесечна блокада, а земјата беше погодена од најлошата рецесија од Втората светска војна, потсетува британскиот весник. Како што сега се шират нови, позаразни видови на вирусот, повеќе населени северни региони како Ломбардија, кој го вклучува и Милано, од понеделник наводно ќе бидат прогласени за „црвена зона“ со најголем ризик. Од понеделник, во сила е целосна блокада во Фурланија, чиј главен град е Трст, како и во Венето, Пиемонт, Марке…

Новата влада на национално единство на Драги ги заостри мерките во т.н. црвени зони, што вклучува затворање на барови, ресторани, продавници, средни училишта и основни училишта. Се повикуваат граѓаните да останат дома секогаш кога е можно.

Кампања и Болзано ќе продолжат да бидат во „црвената зона“, додека некои региони, вклучувајќи ги Тоскана, Лигурија, Абруцо, Калабрија, Молизе, Апулија, Сицилија, Умбрија и долината Аоста ќе бидат во „портокаловата зона“ со среден ризик и ќе бидат затворени продавниците, музеи, барови и ресторани. Сардинија ќе остане во новата најмалку ризична категорија „бела зона“, каде што тешко дека ќе има ограничувања. Ограничувањата ќе важат до Велигденскиот викенд.

Италија започна кампања за вакцинација кон крајот на декември, но, како и во сите други делови на Европа, доставата на вакцини се одложува. Поради загриженост за несакани ефекти од вакцинацијата со „АстраЗенека“, италијанското регулаторно тело го прекина снабдувањето со дози на оваа вакцина во четвртокот, иако предупреди дека нема докази дека вакцината предизвикала згрутчување на крвта.

Слични содржини