Измените на Законот за субвенциониран студентски оброк ќе се носат по скратена постапка

од Destan Jonuzi

Собранието на Република Северна Македонија изгласа предлог законот за изменување на Законот за субвенционирање на студентски оброк да се носи по скратена постапка.

На 91. седница, предлогот беше усвоен со 54 гласови и Собранието ги задолжи Комисијата за финансирање и буџет, како матично работно тело и Законодавно-правна комисија да расправа по предлогот.

Предлагачи на Законот се пратениците Даниела Колева, Даниела Николова, Драгица Ѓавочанова, Емилија Рамбабова, Жаклина Лазаревска, Зекир Рамчиловиќ, Лидија Тасевска, Љатифе Шиковска, Марија Костадинова, Марија Кочовска, Моника Зајкова, Мухамет Кадриов и Санела Шкријељ.

Пратеничката Жаклина Лазаревска ја образложи оправданоста на предлогот да се донесе по скратена постапка при што изјави дека студентскиот оброк треба да биде студентски оброк, а не финансиска помош.

– Студентскиот оброк, треба да биде студентски оброк, а не да биде финансиска помош. Тоа го направивме во 2021 година со измена, со цел во време на пандемија да им овозможиме навистина сите студенти да добиваат средства со кои што би си дозволиле квалитетен студентски оброк. Тој закон и таа измена беше времена и она што ние со оној закон кој што го повлековме, сакаме да го направиме, е во ова време, во оваа ситуација во која што се наоѓа државата, субвенциониран студентски оброк да добиваат солидарно, студентите на кои што му е најпотребен и тој да има поголема вредност од оној што беше предвиден со измените во 2021 година, рече Лазаревска.

Таа информираше дека ги испочитувале барањата на студентите и во овој момент, како што рече „нудиме само едно преодно решение кое што значи продолжување на исплата на студентски субвенциониран оброк во истите услови како и претходно с напомена дека тоа ќе важи до март 2023 година“.

– Погрешивме се извинуваме, ама од таа грешка излеговме посилни бидејќи студентите седнаа и разговараа со нас, разговаравме и на некој начин дојдовме до заедничко решение, рече Лазаревска.

Според пратеникот Никола Мицевски, ова значи само пролонгирање на студентскиот револт.

-Нема победа, им продолжувате рок, пролонгирате студентски протест, револт затоа што до март месец, па си викате од март ќе купиме некој месец па ќе тераме некоја друга стратегија спрема студените, рече Мицевски.

Слични содржини