Јапонија за два дена ќе започне да испушта радиоактивна вода од Фукушима во морето

од Stefanija Kuzmanovska
258 прегледи

Јапонија најави дека на 24 август ќе започне со испуштање на повеќе од еден милион метрички тони прочистена радиоактивна вода од уништената нуклеарна централа Фукушима во морето.

Оваа операција, која ќе биде спроведена врз основа на план одобрен од јапонската влада пред две години, предизвика критики од Кина, но и од јапонските рибари кои стравуваат дека угледот на јапонската рибарска индустрија и егзистенцијата на јапонските рибари ќе бидат загрозени, пренесува „Ројтерс“.

„Побарав од компанијата Тепко, која управува со нуклеарната централа Фукушима, брзо да се подготви за испуштање на водата во согласност со планот одобрен од нуклеарното регулаторно тело. Очекувајте испуштањето на водата да започне на 24 август, доколку временските услови го дозволат тоа“, изјави рано утринава премиерот Фумио Кишида.

Изјавата на Кишида доаѓа само еден ден откако јапонската влада соопшти дека е постигнат повисок „степен на разбирање“ со јапонската рибарска индустрија.

„Ветувам дека ќе ја преземеме сета одговорност за да обезбедиме рибарската индустрија да продолжи да заработува иако целиот процес ќе трае со децении“, рече Кишида.

Јапонија останува на ставот дека испуштањето на радиоактивна вода е безбедно, а Меѓународната агенција за атомска енергија на Обединетите нации даде зелено светло за планот на јапонската влада во јули.

Слични содржини