„Југохром“ ќе се обиде да го догради системот за отпрашување и да ги исполни стандардите

Поради неисполнување на обврските за достигнување на А интегрирана еколошка дозвола, веќе петта година во низа не работи фабриката за производство на феролегури, „Југохром“ во тетовско Јегуновце.

Оттаму, од раководството испратија соопштение во кое наведуваат дека е можно придвижување на процесот на доградба на системот за отпрашување што е започнат во април 2017. година, што е всушност услов фабриката во иднина да работи согласно потребните стандарди и да не придонесува во загадувањето на животната средина и воздухот.

„Имаме начелна одлука на сопственикот на фабриката, кој живее во Лондон, а беше тука пред два месеци при што ја истакна намерата да се продолжи со градење на системот за поставување на филтри за отпрашување. Сега сме во интензивна комуникација со компанијата која почна да го гради системот околу преостанатиот долг како ќе се плаќа за да можат да ја довршат челичната конструкција. Чекаме да помине зимскиот период па од март-април да се почне со тие градежни активности“, изјави за МИА, Васко Скендеровски, генерален директор на Југохром.

За потсетување, над 700 луѓе останаа без работа од 1 ноември 2016 година откако Државниот инспекторат за животна средина наложи да престане производството поради непоставување на филтри до крајниот рок на 31 октомври 2016 година. Досега на работа одеа само неколку десетици луѓе од администрацијата и одржување.

Во текот на 2017 година три пати работниците од Југохром одржаа јавни протести и го блокираа автопатот Тетово-Скопје, со цел да го искажат револтот што останаа без работа и побараа фабриката да продолжи да функционира.

Фабриката почнала да произведува во 1955 година, а во најдобрите времиња вработени биле и над 1000 луѓе.

 

Слични содржини