Како со “нож пресечени” секнaле Вевчанските извори – од денес водата се враќа

од Vlatko K
258 прегледи

После големиот шок, неверување и загриженост, вевчанци, но не и само тие, можат да здивнат. Во саботата,  од засега непознати причини,  целосно, велат, “како со нож пресечени”, секнале, до капка, познатите и со вода издашни, Вевчански извори.

За среќа и  за некакво чудо, водата повторно се враќа, најнапред како црвен муљ, потоа како бела течност и сега како чиста вода во пониските извори.

Ова денеска ни го потврди и градоначалникот на општина Вевчани, Сашо Јанкоски.

Вели дека најверојатно се работи за празнење на подземните резервоари, но додава дека во истиот момент се случил земјотрес на албанска страна, додека жителите на Вевчани потресот  го доживеале како силна бучава со впечаток на вертикален пад.

Жителите, пак, на Вевчани уверени се дека секнувањето на изворите е последица на поместувањето на тлото, сврзано со земјотресот што се случи во Албанија, од другата страна на  планината Јабланица.

Да би било поинаку, тоа би се случувало и досега, така што оваа сензационална појава не ја доведуваат во врска со долгото сушно лето и есен.

Не треба ниту да се помислува за последиците, ако, недај боже, не се вратеше водата. Вевчани, без изворите, не е Вевчани. Ќе ја нема таа привлечна магија за туристите од земјата и светот. Ќе згаснеа многу традици, кои се продолжуваат токму на Вевчанските извори, сврзано и со светски прочуениот вевчански Василичарски карневал на маски.

Вевчански извори, се едни од поретките псевдопериодски сифонски врела во Македонија. Сместени се на источните падини на планината Јабланица, кај селото Вевчани, на надморска височина од 900 метри. Главниот извор е сместен во отворот на пештера. На десетина метри подолу, се наоѓаат неколку постојани извори кои подземно комуницираат со главниот извор. Капацитетот на Вевчанските извори во влажниот период од годината изнесува околу 1.500 литри во секунда.

Со изворите е поврзан такавиканиот Вевчански случај за водите, или Вевчански протести — случувања на протести и судири со политичката власт и органите на редот во август 1987 година во Вевчани поради плановите за земање вода од  изворите за водоснабдување на селото Октиси и вилската населба Елен Камен.

Случувањата добија широки општествено-политички импликации поради што се сметаат и како своевиден израз на незадоволството и дисидентството кон тогашниот социјалистички режим и борбата за демократски реформи.

Некои, тоа го третираат како македонска демократска пролет, кога беше срушено од власта целокупното државно и партиско раководство на Република Македонија, како и раководството на МВР.

 

Веле Митаноски