Казни во Радовиш и Кочани за прекршувања на забраната за движење

од Vladimir Zorba

Основното јавно обвинителство Радовиш денеска поднесе предлог за изрекување парична казна во висина од по 100 дневни глоби против четири лица за непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.

– Обвинетите​ во три одвоени кривично правни настани постапиле спротивно на Одлуката на Владата на Република Северна Македонија за забрана и посебен режим на движење на населението од 21:00 до 5:00 часот и во време на забрана на движењето во вечерните часови помеѓу 23 и 24 март со патнички моторни возила се движеле по улиците на Радовиш каде биле контролирани од страна на полициски службеници на Министерството за внатрешни работи, Полициска станица – Радовиш, стои во соопштението од ОЈО.

Со своите дејствија лицата сториле кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“ од член 206 став 1 од Кривичниот законик.

Обвинителството, како што информираат, предложило Судот на обвинетите да им изрече парична казна во висина од по 100 дневни глоби, секоја во висина од по 5 евра во денарска противвредност.

Три граѓани на Свети Николе, не ја почитувале забраната за движење од 21.00 часот, до 05.00 часот, односно до 12.00 часот.

Во соопштението на Јавното обвинителство, се вели дека еден од обвинетите, при прогласена епидемија на опасната заразна болест Ковид-19, не постапил според Одлуката на Владата, за забрана на движење која стапи на сила на 23 март, а со цел спречување на ширење на заразната болест и заштита на населениeтo.

– За време на забраната, ноќта на 25.03.2020 година во 00.20 часот со своето возило тој се движел по улиците во градот, велат од Јавното обвинителство.

Воедно, другите двајца обвинетите не ја почитувале Одлуката на Владата, донесена на 24 март, со која се воведува забрана за движење на подрачјето на државата во временскиот период од 21.00 часот до 12.00 часот наредниот ден за лица со возраст до 18 години.

– Обвинетите во одделни настани заедно со нивните малолетни деца го напуштиле својот дом, биле пресретнати од полициски службеници, информираат од Јавното обвинителство.

Со овие дејствија обвинетите според Обвинителството го сториле кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. Основното јавно обвинителство Свети Николе до Судот ги поднесе предлозите за издавање казнени налози, со предлог за секој од обвинетите Судот да изрече парични казни во висина од по 98 дневни глоби, секоја од нив во висина од 20 евра во денарска противвредност.​​

Слични содржини