Керемедчиев: Бугарски партии блиски до Русија ги користат тензиите меѓу Софија и Скопје за зголемување на рејтингот

од Stefanija Kuzmanovska

Во пресрет на претстојните избори во Бугарија одредени партии ја користат тензијата во односите меѓу Софија и Скопје, за да се обидат да го подигнат својот рејтинг и популарност, што ги загубија во последните години, изјави за Бугарското национално радио (БНР) поранешниот бугарски заменик министер за надворешни работи Милен Керемедчиев.

– Дури и да се предизвикаат судири и немири, партиите, кои се сметаат за патриотски, одат со одредена цел. Тоа е дополнително да ги влошуваат односите меѓу Бугарија и Северна Македонија, изјави Керемедчиев.

Според него, станува збор за партии кои имаат блиски контакти со Русија, но и со Србија.

– Зад овие провокации стои желбата за трајно наштетување на нашите билатерални односи, додаде Керемедчиев.

Осврнувајќи се на повлекувањето на бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов во земјава на консултации во Скопје, Керемедчиев изјави дека тоа е претпоследна мерка, а последна би била неговото отповикување, за што изрази надеж дека нема да се случи.

– Бугарија мора внимателно да ги документира и презентира сите примери на агресивност и говор на омраза пред ЕУ. Нивниот главен проблем сега е дали ги исполнуваат критериумите. Судија на тој двобој е Европската комисија, истакна Керемедчиев.

Слични содржини