Клухе: Северна Македонија ги применува сите стандардни, не постои причина за паника од коронавирусот

од Берта Китинска

Подготвеноста на властите во справувањето со коронавирусот е одлична. Им честитам на властите, бидејќи Северна Македонија направи проценка на капацитетите дали има доволно човечки ресурси и инфраструктура, дури и пред да се појави првиот случај на болеста. Ова во интервју за МИА го изјави регионалниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа, Ханс Клухе, кој е во посета на земјава.

Според него, Северна Македонија ги применува сите стандардни оперативни процедури на влезните точки, вклучително и на меѓународните аеродроми.

На прашањето на МИА дали има место за паника, и колкава е смртноста од коронавирусот во споредба со сезонскиот грип, Клухе вели дека нема причина за паника.

– Ќе бидам директен, му се обраќам на прекрасниот народ на оваа земја – не постои причина за паника. Јас како специјалист за инфективни болести имам целосно разбирање за загриженоста на луѓето за нивното здравје и здравјето на нивните семејства. Вирусот е нов, затоа имаме сериозен пристап. Но, треба да запомниме – денеска има 81.000 случаи, од кои 97 отсто се во Кина, а останатите три надвор од Кина, во 47 земји, рече Клухе во интервјуто за МИА.

Вели дека од пет пациенти, секој четврти или 80 отсто има благи симптоми и заздравуваат успешно, кај 15 отсто има посериозни симптоми, а само пет отсто се во критична состојба.
Вие сте на оваа позиција од 1 февруари овој месец и веќе се соочивте со голем предизвик – коронавирусот. Во Италија состојбата е критична, а во Северна Македонија, Грција и во Хрватска веќе се потврдени првите случаи на вирусот. Во речиси сите земји овде се примаат и проверуваат сомнителни случаи. Дали Европа е подготвенa за масовно ширење на вирусот?

– Светската здравствена организација работи со секоја од 53-те нејзини членки во целиот регион да бидат што е можно поподготвени. Имаме фокусни точки во секоја од тие земји кои работат постојано со цел да биде подготвен нивниот здравствен систем. Тоа значи тие да бидат способни да детектираат случаи, да ги третираат пациентите достоинствено и со емпатија, не сакаме да има социјална дискриминација и доколку има пренесување на вирусот, тој да биде запрен особено во здравствените установи. Заштитата на здравствените работници е врвен приоритет.

 

Слични содржини