Комитетот за светско наследство на УНЕСКО утре ќе ја донесе конечната одлука за Охрид

од desk4
Поради дивоградбите покрај Охридското езеро, ова туристичко место ризикува да биде ставено на „црната листа“ на УНЕСКО. Комитетот за светско наследство на УНЕСКО расправа околу статусот на Охридскиот регион, но можат да се забележуваат бројни дилеми.
Комитетот за светско наследство на УНЕСКО утре ќе ја донесе конечната одлука дали Охридскиот регион ќе биде впишан на Листата на културни наследства во опасност. Оваа точка била на дневен ред и на денешниот состанок во кинескиот град Фуџоу, но гласањето е оставено за утре претпладне. Според 360 степени, Северна Македонија ќе добие рок од две години за имплементација на препораките на УНЕСКО, како што и вчера предложи Босна и Херцеговина, а против беше Норвешка. Според извори на порталот, денеска бил постигнат компромис меѓу државите со спротивставени ставови. Според извор вклучен во преговорите, компромисот предвидува прецизна листа на обврски и рокови за нивно извршување, како и строг надзор од УНЕСКО. Каква и да биде одлуката на УНЕСКО, Владата ќе ја почитува, изјави премиерот Заев  денеска во Охрид и заедно со охридскиот градоначалник најавија дека ќе ги спороведат сите препораки, а ќе продолжи и уривањето на дивоградбите.
Според премиерот Зоран Заев, она што е уништено во 11 години за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, е краток период за да се врати во нормала.

Првиот човек на Охрид, Константин Георгиевски, рече дека нема да се двоуми околу уривањето на бесправно изградените објекти.

Комитетот за светско наследство на УНЕСКО вчера го одложи гласањето за статусот на Охридскиот регион поради немање консензус околу тоа – дали треба да се најде на листата на загрозено светско наследство. Усвојувањето на нацрт-одлуката беше стопирано откако норвешката делегација изрази незадоволство од предложените измени во Босна и Херцеговина, со кои на земјава и на Албанија им се даваат дополнителни две години за да постапат согласно препораките на УНЕСКО, па дури потоа да се донесе одлука дали регионот ќе биде дел од листата – светски, културни и природни богатства во опасност.

Слични содржини