Костадиновска-Стојчевска: Македонскиот јазик не бара надворешна потврда, тој е жив дел од нашиот национален идентитет

од Vladimir Zorba

Според министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска значењето на кодификаторите на македонскиот литературен јазик – Блаже Конески и Крсте Петков Мисирков – за македонскиот јазик е монументално.

-Ги поставија основите на современиот македонски јазичен идентитет. Како граѓанин, како професорка, како министерка, и како социјалдемократка, верувам во важноста на јазичната и културната различност како столб на социјалната правда и вклученост. Македонскиот јазик е жив! Се говорело македонски, се говори на македонски и ќе се говори на македонски без оглед дали тоа некому му одговара или не! Македонскиот јазик е културно одбележје на македонскиот народ. Македонскиот јазик се користи во образованието, во нашите институции и во секојдневниот живот. Неговиот статус не е предмет на дебата. Овозможени се подобри услови за заштита и унапредување на македонскиот јазик во јавната комуникација, вели министерката во интервју за трн.мк.

Таа додава дека она што може да се направи за понатамошна заштита и промоција на нашиот јазик е да се инвестира во образовни програми, културни иницијативи, меѓународни соработки и семинари кои го прикажуваат богатството на македонскиот јазик и култура.

-Македонскиот јазик не бара надворешна потврда; тој е жив дел од нашиот национален идентитет и ќе продолжи да биде таков. На 19 април 2019 година Владата донесе одлука 5 мај да биде прогласен за Ден на македонскиот јазик како празник од работен карактер. Се прашувам зошто цели 28 години после независноста никој друг не направи ваков чекор за издигнување на македонскиот јазик на пиедесталот. Во контекст на заштитата на македонскиот јазик, интензивно работиме на негово секојдневно усовршување во сите јавни комуникации и можам со задоволство да кажам дека имаме висок консензус од стручната фела за усвојување на новиот Закон за употреба на македонскиот јазик, кој е веќе во собраниска процедура. Истовремено продолжуваме интензивна соработка со надлежните институции по завршената дигитализација на картотеките на Институтот за македонски јазик. Со ова на дело покажавме што значи вистинска заштита на македонскиот јазик и историја, заштита на македонскиот идентитет и зачувување на јазичното духовно богатство за идните генерации. Инаку, Министерството за култура, преку Советот за македонски јазик, поведе иницијатива родната куќа на Блаже Конески во Небрегово и училницата во селското училиште каде што учел прво одделение да се прогласат за „Културен комплекс Блаже Конески“, потенцира Костадиновска Стојчевска.

Слични содржини