Костов: Аквадуктот ја заслужува највисоката можна заштита

од Andreja Salpe

Директорот на Управата за заштита на културно наследство Ацо Костов смета дека прогласувањето на Аквадуктот за споменик од исклучително значење ќе придонесе истиот да биде ставен во подобра функција, но вели дека голема улога во тоа ќе одигра и скопскиот градоначалник доколку одлучи да го урбанизира и просторот околу Аквадуктот.

-Аквадуктот ја заслужува највисоката можна заштита, а тоа е прогласување на објект од особено значење поткатегорија исклучително значење, со што ќе ја добие и заслужената физичка заштита. Аквадуктот по должина е најголем по должина на Балканот, со 386 метри. Висок е 16 метри и широк е 4 метри. Има разни податоци кои говорат дека е изграден за време на Римскиот период, но се смета и дека е можно да е изграден за време на Јустинијанскиот период, или за време на Османлискиот период. Водата е носена од Скопска Црна Гора, од селото Рамне. Во 60тите години после земјотресот паднати се три арки, по што доживеал санација. Со тоа што сега му е дадена валоризација сметам дека ќе придонесе и државата малку стратешки да се сврти кон културното наследство, рече Костов.

Тој вели дека целта на заштитата е да се урбанизира и локацијата околу Аквадуктот.

-Местот не треба да биде напуштено како што е во моментов. Треба да има пристојни влезови, можеби и соработка со јавно-приватно партнерство, Градот ќе одлучува за тоа, но ќе претстојат проекти за конзервација на објектот, градежни и статички зафати. Интенцијата е објектот да го задржи својот оригинален изглед. Идејата е да се добие поголема посетеност со тоа што Аквадуктот ќе го поврзе Калето, Старата Скопска Чаршија и локалитетот Скупи, што на граѓаните ќе им овозможи една убава променада, објаснува директорот на Управата за заштита на културно наследство.

Се’ уште не се направени проценки за тоа колку би чинела конзервацијата на Аквадуктот.

Слични содржини