Ковачевски: Со АДА граѓаните и компаниите ќе бидат услужени во неограничен број во текот на 24 часа

од Nikola Popovski

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, со заменик на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу и директорот на Фондот за инвестиции и технолошки развој, Фестим Халили, на заедничка презентација, го претставија првиот дигитален асистент во јавниот сектор, базиран на вештачка интелигенција- АДА, дизајниран за потребите на програмите за државна помош.

-АДА ги нуди сите информации за финансиска поддршка од страна на државата, а ќе се надоградува и со други услуги од важност за деловниот сектор и граѓаните. Преку тоа, ќе влијаеме на зголемување на транспарентноста на сите институции, но и на намалување на корупцијата и елиминирање на човечкиот фактор во процесите.

Воведувањето на овој прв дигитален асистент, што е револуционерен чекор во нашето општество, ќе значи забрзување на процесите на давање услуги на заинтересираните граѓани и претставници на компании, коишто ќе можат да бидат услужени во неограничен број и тоа постојано, во текот на 24 часа, рече Ковачевски.

Според него, процесот на дигитализација е незапирлив, секаде во светот, па така и во нашата држава.

-Можностите кои ги нуди вештачката интелигенција се неограничени. Тоа и се докажа преку брилијантниот успешен обид на творецот на вештачката интелигенција и на модерната когнитивна наука, Алан Туринг, преку декодирањето на познатата машина, Енигма, која Германците ја употребувале како сигурен начин за комуникација за време на Втората Светска Војна.

Па така, илустрирано преку едноставни примери, ако порано билетите ги издаваа луѓе, сега тоа го прават машините. Физичкото плаќање на сметки кое порано беше единствено можно преку шалтери, сега е заменето со онлајн плаќање, исто како што е овозможено и вадењето на лични документи да биде по електронски пат а она на што веќе работиме е електронски ИД за граѓаните на Северна Македонија.

Така, го исклучуваме влијанието на човечкиот фактор, можноста за грешки и за коруптивни практики. Водени од оваа идеја, за поздравување е воведувањето на АДА-првиот дигитален асистент за јавни услуги во давањето јавни услуги, со што ги надоградуваме нашите практики за дигитализација во општеството, истакна премиерот на промоцијата.

Слични содржини