Кремљ призна: Во Бахмут е многу тешко и емотивно

од Stefanija Kuzmanovska

Кремљ денеска призна дека рускиот обид за заземање на источниот град Бахмут бил „тежок“ и дека создал „емотивна ситуација“. Ова денеска го изјави Димитриј Песков, портпарол на рускиот претседател Владимир Путин, очигледно мислејќи на конфликтот меѓу шефот на платеничката група „Вагнер“ Евгениј Пригожин и министерот за одбрана Сергеј Шојгу.

„Можам да ви кажам една работа: Да, ова е навистина емотивна ситуација. Во таа област се водат многу тешки офанзивни операции“, рече Песков вчера во интервју за босанско-херцеговскиот ТВ канал АТВ, а пренесува руската агенција ТАСС.

„Тоа е многу силно утврдена област со огромна концентрација на силите на украинската армија, која постојано добива засилување. Тоа вклучува странска опрема, странска муниција. Нормално, емоциите се особено силни таму“, рече Песков.

„Тие имаат заедничка цел“

Иако не ги именуваше ниту Пригожин, ниту Шојгу, Песков се осврна на конфликтот меѓу двајцата, велејќи дека тие имаат „заедничка цел“.

„Нема да именувам никого, но ќе ви го кажам ова: Без разлика што ќе се каже, без разлика на изјавите кои се даваат, ние се уште зборуваме за, ајде вака да се изразиме, вооружените сили на Руската Федерација. Тие се сите руски сили, обединети сили. Имаат иста цел“.

Портпаролот на Кремљ додаде дека е сигурен оти Русија ќе го освои Бахмут.

„Не се сомневаме дека ќе го освоиме Артемовск (руското име за Бахмут) и дека ќе продолжиме да го контролираме“, заклучи тој.

Слични содржини