Критики кон Јанша од Брисел: „Неодговорното однесување може да доведе до нова војна на Балканот“

од Nikola Popovski

Иако Јанез Јанша негираше дека испратил неофицијален документ до Брисел за наводното мирно распаѓање на БиХ, се огласила европратеничката Тања Фајон и го повикала словенечкиот премиер да објасни што има во тој документ.

Фајон го критикувала Јанша, со порака дека неодговорното однесување во врска со т.н. завршувањето на планот за мирно распаѓање на БиХ може да доведе до нова војна на Балканот.

Таа на својот профил на Твитер напиша дека овие денови била предупредена од БиХ дека, како што изјави, премиерот Јанша се обидува да го заврши планот Милошевиќ-Туѓман за „формирање на голема Србија и Хрватска“.

„Ако медиумите известуваат во БиХ и изјавите на дипломатите во регионот се точни, тоа може да биде многу штетно за Словенија“, додала Тања Фајон.

Словенија ќе го преземе претседателството со Европската Унија на 1 јули, а словенечкиот премиер Јанез Јанша наводно планира на дневниот ред да наметне одредена визија за „комплетирање на распадот на Југославија“.

Ова се толкува, како што пишува „Кликс.ба“, од „нон-пејперот“ што Јанша го испратил во Брисел и кој подразбира промена на границите, односно отцепување на Република Српска и прекројување на границите во Црна Гора, С. Македонија и Албанија.

По информацијата дека премиерот на Словенија испратил неофицијален документ до Брисел, а тој потоа ги негирал обвинувањата, словенечките медиуми пренесуваат дека документот најверојатно постои.

Со оглед на тоа што станува збор за неофицијален документ, постои голема можност тајниот документ да постои, но дека тој, наводно, бил доставен преку вообичаените дипломатски канали, наведува „Кликс.ба“.

Медиумите во Словенија исто така тврдат дека документот не го виделе највисоките претставници на Словенија. Според споменатиот извор, документот повикува и на враќање на поранешниот премиер Никола Груевски, во земјата.

Слични содржини