Курти е подготвен на разговори со Вучиќ за европскиот предлог

од Nikola Popovski

Косовскиот премиер Албин Курти најави дека во вчерашниот разговор со високиот советник на американскиот Стејт департмент, Дерек Шоле потврдил дека европскиот предлог е прифатлив како „добра основа за понатамошни разговори“ и „солидна платформа за напредок кон целосна нормализација на односите меѓу Косово и Србија во рамките на дијалогот во Брисел“.

Курти потврдил и подготвеност за средба со српскиот претседател Александар Вучиќ, односно, како што се наведува во соопштението, подготвеност за „следни средби на високо политичко ниво“. Во исто време, тој се согласил да се интензивира процесот на дијалог.

Како што се наведува во соопштението, се нагласува важноста на „напредокот на Косово во меѓународната интеграција во време кога демократските и економските достигнувања на Косово во последните две години се докажани од многу престижни меѓународни организации и институти“, а се додава дека Косово останува „посветен и конструктивен“ во дијалогот затоа што сака „добрососедски односи и интеграција во ЕУ и НАТО“.

Шоле вчера го потврди разговорот со Курти. Во истото соопштение тој ја поздрави одлуката на Приштина да го прифати предлогот на ЕУ. Се огласи и американскиот амбасадор во Приштина, Џефри Ховениер, кој оваа одлука ја оцени како значаен напредок за Косово, пренесува „КоСсев“.

Дека Приштина го прифати европскиот, односно таканаречениот француско-германски предлог, прв соопшти самиот Курти на Твитер, а по средбата со специјалниот пратеник на ЕУ, Мирослав Лајчак. Истовремено, тој го повтори својот став дека овој предлог е добра основа за понатамошна дискусија и „цврста“ платформа за одење напред.

Фото: bne IntelliNews

Слични содржини