Лекарската комора со апел до оние кои сѐ уште не ја сфатиле сериозноста на ситуацијата со коронавирусот

од Берта Китинска

Имајќи ги предвид препораките и заклучоците на Светската здравствена организација, Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести за корона вирусот, како и фактот дека на територијата на нашата држава сѐ уште бројот на заболени од корона вирусот не опаѓа со очекувана динамика, Лекарската комора на Република Северна Македонија апелира до сите институции, здруженија и граѓани, максимално да ги почитуваат и да се придржуваат до препораките од Министерството за здравство за намалување на ризикот од ширење на корона вирусот и мерките за заштита и превенција од Covid 19.

Тие апелираат дека треба посебно да се почитува мерката со која се забранува собирање во група не повеќе од две лица, во паркови и други јавни места и јавни површини.

„Се молат граѓаните без поголема потреба да не ги напуштаат своите домови и да не се собираат и групираат. Почитувањето на мерките во голема мера ќе придонесе за спречување на понатамошно ширење на вирусот.
Со цел, да се зачуваат капацитетите во здравството, голема поддршка за здравствените работници да се справат со пандемијата е сите институции, здруженија и граѓани да ги почитуваат мерките и насоките за заштита на нивното здравје. Поради тоа, посебен апел Комората упатува до оние кои сѐ уште не ја сфатиле сериозноста на ситуацијата во којашто сите заедно се наоѓаме.Мерките мора да се почитуваат, бидејќи од тоа зависи како и кога ќе се справиме со овој предизвик. Затоа е потребно да се покаже највисоко ниво на самосвест, солидарност и заедничка одговорност, дека знаеме и можеме да се справиме и со овој голем предизвик со којшто се соочува целиот свет.Комората уште еднаш апелира, дека треба најсериозно да ги сфатиме и почитуваме мерките на Владата на Република Северна Македонија, бидејќи така го штитиме колективното здравје, велат од Лекарската комора.

Слични содржини