Левица си зеде заслуга за поништената графа „националност“ во изводите

од Nikola Popovski

Левица си зеде заслуги за поништувањето на графата „националност“ во Упатството за водење на матични книги. Од партијата велат дека по нивната претставка, Уставниот суд одлучил да поведе постапка по истата.

-Уставниот суд со мнозинство гласови одлучи да го поништи ова Упатство, со што одлуката има ретроактивно дејство, односно сметано од моментот на донесувањето на актот којшто се поништува. Министерот за правда, Кренар Лога преку овој акт се обиде да ја протне двојазичноста и графата за „националност“ во новите изводи на родени – спротивно на сите цивилизирани практики и со цел сегрегација на населението во Република Македонија, стои во реакцијата на Левица.

Уставниот суд на на 5 јули 2023 година по сопствена иницијатива поведе постапка за оспореното Упатство поради сомнеж дека со негово донесување од страна на Министерството за правда е направена повреда на членот 52 став 2 од Уставот, односно не е испочитуван уставниот рок во кој требало да се објави ова Упатство.

Упатството е поништено бидејќи Судот оценил дека е направена повреда на членот 52 став 2 од Уставот. Тој член предвидува рок за објавување најдоцна за 7 дена од денот на донесувањето.

Граѓаните што веќе извадиле извод додека важело Упатството, ќе треба самите да бараат поништување на документот.

Предметот беше формиран согласно деловничките одредби кои даваат овластување на Уставниот суд и сам да поведе постапка за оценување на уставност на закон, односно уставност и законитост на пропис или друг општ акт.

Лога на 29 мај годинава го потпиша Упатството за изменување и дополнување на Упатството за начинот на водење, заштита и чување на матичните книги и списи.

Законот за матична евиденција, е донесен во 1995 година и во него се предвидува во матичната книга да се води податок за националноста на родителите, но не и во изводите на родени.

Слични содржини