Левица: Дигиталната концепција е брзоплета реформа

од Nikola Popovski

Партијата Левица смета дека министерката Мила Царовска, во обид да го оправда заемот од 25 милиони евра за таканаречени образовни реформи, со брзи, непромислени и нетранспарентни чекори, најавува укинување на учебниците и воведување на дигитални учебници.

„Царовска, без никакво чувство за приоритети во државата каде 455.000 живеат на работ на сиромаштија, очигледно не може да ги земе предвид главните проблеми со кои се соочува образовниот систем. асно е дека министерката нема претстава за руинираните училишта, без основни услови за греење во дотраени објекти, кои се честа слика особено во руралните средини. Дополнително, потценувачки и манипулативни се проценките на Министерството за образование дека само за 400 ученици ќе бидат проблем дигиталните учебници, кога 1300 семејства немаат ниту електрична енергија! Што значи, се работи за многу поголем број на деца кои ќе бидат ДИСКРИМИНИРАНИ и социјално обележани“, реагираат од партијата на прес-конференцијата на Царовска.

Според нив, се поставува прашањето, како Царовска ќе имплементира ваков сериозен и комплексен зафат, со енормни финансиски средства, кога шест месеци подоцна, уште не е ставена во употреба Националната платформа која Заев и Царовска помпезно ја најавија во септември минатата година?

„Оттука, бројката на која се повикува министерката не се однесува на фондот на часови, туку на ефикасноста од истите. Со наводното модернизирање на учебниците, а во реалност- исклучување од системот за образование на голем број ученици кои нема да можат да следат настава, таа бројка може само да расне. Левица се залага за постепени образовни реформи, со широка вклученост на експерти и на јавноста, каде првично ќе бидат решени економските и социјалните проблеми со кои се соочуваат училиштата, наставниот кадар и учениците. Секакво грубо форсирање на брзоплети реформи укажува само на тоа дека власта брза да го потроши кредитот во нејзиниот должнички тренд, чии акумулирани долгови ќе ги плаќаат идните генерации“, велат од Левица преку соопштение.

Слични содржини