Македонија, Србија и Албанија заедно против енергетската криза

од Nikola Popovski

Вицепремиерката на Србија и министерка за рударство и енергетика Зорана Михајловиќ денеска во Тирана изјави дека министрите од Северна Македонија и Албанија ја прифатиле иницијативата на Србија за формирање заедничка работна група за соработка во енергетската криза и за стратешки проекти.

Таа рече дека за енергетска безбедност на регионот во кризни услови потребна е солидарност, поврзаност и заедничка работа на стратешки проекти.

„Сите ние во регионот сме под голем притисок да се осигураме дека се ќе биде доволно за зимата, но важно е, покрај решавањето на тековните проблеми со снабдувањето, да разговараме и за стратешки проекти и потенцијални заеднички инвестиции, кои ќе направат целиот регион е енергетски постабилен. Треба да работиме на двата колосек во исто време. Сите имаме одредени компаративни предности, одредени недостатоци и потреба да се обезбеди долгорочна енергетска стабилност. Нашиот предлог беше да се формира заедничка работна група на Србија, Северна Македонија и Албанија ќе се занимаваат со решавање на проблеми оваа зима, како и со потенцијална соработка и со големи стратешки проекти и мило ми е што другите министри го прифатија овој предлог“, рече Михајловиќ.

Таа, говорејќи на панелот за енергетска безбедност на состанокот на Групата за ублажување на кризи во рамките на иницијативата Отворен Балкан во Тирана, навела дека нема причина да не се разговара, не само за поврзување на пазарот, туку и за заедничко балансирање, кое е потребно во сите земји од регионот.

Михајловиќ, како што соопштија од нејзиниот кабинет, истакна дека Албанија е доста зависна од ОИЕ и во моментот кога има проблем со ОИЕ треба да има основна енергија и тоа прашање е важно и за Србија и за Северна Македонија.

„Очекувам од следната недела да почнеме да работиме во рамките на работната група и да им претставиме на претседателите, односно премиерите на нашите земји, предлози за заеднички инвестиции, без разлика дали се работи за соларни електрани, ветерни централи, заедничко балансирање, поврзување на пазарите, гасни интерконекции, или можеби дури и подземни складишта за гас“, додаде таа.

Михајловиќ истакна дека не е доволно само една земја да биде енергетски безбедна, туку треба да си помагаме, да бидеме солидарни бидејќи никој не знае точно каква ќе биде состојбата во зима.

„Србија донесе нови закони во областа на енергетиката, најголем дел од подзаконските акти, е при крај со изработката на стратешките документи и има нов инвестициски план. Во тек е изградба на гасна интерконекција со Бугарија, што ќе овозможи диверзификација на извори на снабдување, а планираме да се поврземе и со другите соседи, пред се со Северна Македонија и Романија, нè интересираат и можностите за подобра соработка и поврзување со Албанија, кога станува збор за планираниот терминал за ЛНГ, како и за подобро поврзување во регионот кога е во прашање високонапонската мрежа.Сите овие интерконекции ќе овозможат поголема енергетска стабилност не само за Србија, туку и за регионот“, рече Михајловиќ.

Актуелната состојба во енергетскиот сектор во сите три земји и можностите да се придонесе за поголема енергетска стабилност на регионот преку поблиска соработка и искористување на компаративните предности на секоја земја се разговараше на панелот на кој учествуваа релевантните министри од Албанија, Србија и Северна Македонија.

Слични содржини