Македонската страна од Историската комисија: Се шират невистини-работиме само на претставувањето на историјата на ОА во учебниците

од Nikola Popovski

Македонската страна од Мешовитата експертска комисија за историски и образовни прашања со Бугарија реагираат на, како што велат, некоректното информирање на јавноста за темите кои се предмет на дискусија во работата на Комисијата.

Од таму велат дека се емитуваат прилози со кои се шират невистини дека Комисијата го решава црковното прашање на МПЦ-ОА, дека дискутира за теолошки и црковни прашања, догми и канони, или, пак, одредува чија е ОА.

-Притоа, во правењето на овие прилози воопшто не е побарано мислење од членовите на Комисијата, а членови на Синодот на МПЦ-ОА, експертската јавност, политички партии и претставници на државни институции, се доведени во  ситуација да даваат свое мислење и да легитимираат  измислена и непостоечка тема само врз основа на неточни информации и паушални заклучоци. Предмет на работата на Комисијата се прашањата за претставувањето на историјата на ОА во учебниците по историја за основно образование во двете држави, нејзината улога и значење за христијанството и словенската писменост и книжевност, а не црковно-теолошки прашања или утврдување на статусот на МПЦ-ОА или, пак, нејзино  дефинирање во национална смисла, стои во соопштението од членовите на македонскиот тим во Комисијата.

Според нив, свесно се создаваат непостоечки проблеми  и измислени закани по македонскиот идентитет со што јавноста се доведува во заблуда и се манипулира со нејзините чувства, особено со чувствата на македонскиот народ.

Во петокот копретседателот Драги Ѓоргиев истакна дека на последниот состанок дебатата била за Охридската архиепископија, и една од забелешките од колегите од Бугарија е дека, тие сакаат да се промени начинот на кој таа е претставувана во нашите учебници.

Договор за некои од забелешките за учебниците за седмо одделение, според Ѓоргиев, не бил постигнат поради недоразбирања околу изворите и различното толкување на минатото.

– Тие различни пристапи во толкувањето на изворите од средновековието, прават и ние да имаме различен пристап во правењето на препораките за учебниците. И тоа е очигледно еден од главните камења на сопнување во работата на комисијата, изјави Ѓоргиев.

Претседавачот на бугарскиот дел од комисијата Ангел Димитров, потврди дека главна тема на средбата во изминатите два дена била како да биде претставена Охридската Архиепископија во учебниците и оти и покрај првичните очекувања, конкретни резултати не се постигнати.

– Јас разбирам дека тоа е многу важна тема, и се надевавме и бевме многу блиску до резултатот. Што се случи не знаеме, но ќе продолжиме на следната средба која ќе биде прва за наредната година во Софија. Ветувам дека ние ќе направиме се што е можно да има позитивни сигнали и добри резултати. Така што, завршивме за оваа година, а посакувам поуспешна да биде следната година за граѓаните на двете држави, кажа Димитров.

Слични содржини