Макрон: Иднината на Србија е во Европската унија

од Nikola Popovski

Францускиот претседател Емануел Макрон синоќа во Елисејската палата во Париз, покрај српскиот претседател Александар Вучиќ, изјавил дека иднината на Србија е во Европската унија.

„Србија не смее да се сомнева во намерата на ЕУ да ја прими под своја закрила. Иднината на Србија е во ЕУ и никаде на друго место“, рекол Макрон во заедничката изјава со Вучиќ.

Макрон повторил дека неговата земја го поддржува посредувањето на ЕУ во дијалогот меѓу Србија и Косово и додал дека се залага за спроведување на договорите од Охрид и Брисел, вклучително и формирањето на Заедница на српските општини и одржување на избори на северот на Косово.

Тој додал дека сторителите на нападот во Бањска во септември 2023 година треба да бидат изведени пред лицето на правдата.

Францускиот претседател порачал дека Србија треба да работи на реформи, плурализам на медиумите, независност на судството, подобрување на владеењето на правото, како и усогласување со политиката на ЕУ.

Макрон навел и дека со Вучиќ ќе разговара за воената индустрија, иновациите, цивилната нуклеарна енергија, секторот за животна средина и вештачката интелигенција. Според него, економската соработка е во пораст поради зголемените инвестиции на француските компании.

Макрон ја пофалил и културната соработка, како и „виталноста на франкофонијата во Србија“.

Францускиот претседател синоќа приреди свечена вечера за Вучиќ, по што двајцата претседатели разговарале во четири очи.

Вучиќ пристигнал во Париз во неделата вечерта, а утрово положил венец на спомен плочата „Верност за лојалноста“ пред „Палатата на инвалидите“.

Слични содржини