Макрон: Западните сили се одлучни, суверенитетот на Украина треба да се почитува

од Vladimir Zorba

ЛИДЕРИТЕ на Франција, Германија, Италија, Велика Британија и САД во телефонски разговор во понеделникот изразија решителност дека суверенитетот на Украина треба да се почитува, соопшти кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон.

Русија е обвинета дека подготвува напад врз нејзиниот сосед, а лидерите „изјавија дека се подготвени да преземат чекори за зачувување на мирот и безбедноста во Европа“, соопштија од кабинетот на Макрон по разговорите.

Тие нагласија дека Русија мора да преговара со Украина како дел од групата „нормандска четворка“ под покровителство на Франција и Германија, додаде кабинетот на францускиот претседател.

Белата куќа по разговорите соопшти дека американскиот претседател Џо Бајден, германската канцеларка во заминување Ангела Меркел, италијанскиот премиер Марио Драги и британскиот премиер Борис Џонсон изразиле загриженост поради акумулацијата на руски војници на границата со Украина.

Тие истакнаа дека го поддржуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, се вели во соопштението на Белата куќа.

Ја повикаа Русија да ги намали тензиите и заклучија дека единственото решение за конфликтот во Донбас е дипломатијата, преку спроведување на Договорот од Минск.

Најавија продолжување на консултациите за „координиран и сеопфатен пристап“ кон проблемот, во кој ќе учествуваат и сојузниците од НАТО и партнерите од ЕУ, соопшти Белата куќа.

Украина ја обвини Русија дека натрупала десетици илјади војници долж границата како подготовка за можна воена офанзива од големи размери.

Кремљ ги негира обвинувањата, тврдејќи дека ги преместува силите низ својата територија исклучиво за одбранбени цели. Оттаму, исто така, споделија дека ќе го сметаат потенцијалното распоредување на ракети на НАТО во Украина за „надминување на црвената линија“.

Рускиот претседател Владимир Путин денеска ќе одржи виртуелна средба со американскиот претседател Бајден.

Слични содржини