Манчини: Италија со натпреварот против Аргентина започнува нова ера

од Vladimir Zorba

Италија завршува една ера со пријателскиот натпревар против Аргентина и започнува нова фаза во својата историја со градење на тим од млади играчи. Ова го изјави тренерот на „азурите“ Роберто Манчини пред средбата со јужноамериканскиот шампион.

„Ќе биде одличен натпревар, да им се оддаде почит на многу играчи како Џорџо (Киелини) кои ќе ја напуштат репрезентацијата, како и на аргентинските играчи кои наскоро ќе ја напуштат репрезентацијата. Така што ќе биде одличен, емотивен натпревар. Почнуваме да размислуваме за иднината и ќе им дадеме шанса на младите играчи. Започнува нова ера за Скудара“, изјави Манчини.

Натпреварот вечерва меѓу европскиот шампион и победникот на Копа Америка ќе се одигра на стадионот „Вембли“, каде Италија во јули минатата година на пенали триумфираше над Англија и ја освои втората титула на Европското првенство. Но, радоста на Италија се претвори во тага осум месеци подоцна, кога вторпат по ред не успеа да се пласира на Светското првенство по поразот во баражот од Северна Македонија.

Испишавме историја на овој стадион и им подаривме големи емоции на сите Италијанци“, изјави Лоренцо Инсиње. „Утре ќе биде многу важен натпревар за нас да започнеме од почеток и да ја вратиме Италија онаму каде што заслужува и каде што отсекогаш сме биле“.

Италија постави светски рекорд од 37 натпревари без пораз, кој заврши во октомври минатата година кога Шпанија во полуфиналето на Лигата на нации го совлада тимот на Роберто Манчини.

„Аргентина е една од најдобрите репрезентации во светот“, изјави дефанзивецот Леонардо Бонучи. „Мора да победиме на овој натпревар и да почнеме од почеток. Да ја поставиме основата за да ја вратиме Италија онаму каде што беше пред една година“, додаде капитенот на Јувентус.

Слични содржини