Маричиќ: Дебатата за декриминализација на марихуаната е отворена

На Меѓународната конференција за модели на регулација на дроги, свое излагање имаше и актуелниот министер за правда, Бојан Маричиќ, кој посочи дека е добро тоа што во нашата земја се отвора широка дебата за декриминализација на марихуаната.

Имено, како што соопштуваат од Министерството за правда, Маричиќ го оценува како квалитетно регулирањето на ова прашање, кое како што вели, може да донесе многу за државата, како што е регулација на трговијата со марихуана, намалување на криминалот, како и економски придобивки пред се во туризмот и угостителството како гранки.

„Се разбира свесен сум дека ова е комплексно прашање и токму затоа овој процес во суштина мора да биде инклузивен, односно во креирањето на модалитетот како ќе се спроведе декриминализацијата, треба покрај стручната јавност и експертите, да бидат вклучени и невладините, односно граѓанските здруженија кои можат и тоа како да придонесат за квалитетот на решението. Дебатата сега е отворена и трае “, истакна министерот Маричиќ.

Исто така, тој вели и дека посебно ќе внимава на еднаш донесените закони врзани за ова прашање, во смисла на тоа да се спроведуваат во пракса без исклучок, бидејќи во спротивно вели, ќе се доведеме до опасност секој на свој начин да ја толкува декриминализацијата, а тоа може да донесе и хаотичност во оваа сфера.

Слични содржини