Мартовските минимални плати ќе бидат повисоки за околу 45 евра

од Берта Китинска

Почна собрансиката расправа за предлог законот според кој минималецот ќе изнесува 18.000 денари. Работодавачите кои нема да можат да исплатат повисоки плати, до крајот на годината ќе добиваат помош од државата.

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска во Собранието го образложи Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата.

Таа рече дека текстот е подготвен во дијалог со работодавците и работниците и дека е донесено решение кое го поддржале сите, односно минималната плата да биде 18.000 денари.

„Во самиот Предлог-закон е предвидено државата да ја покрие целокупната разлика во делот на придонесите за минималната плата, која во моментов е 15.200 денари, до онаа која ќе се исплаќа од март а која ќе изнесува 18.000 денари“, рече Тренчевска.

Опозицијата ќе го поддржи законот, но велат дека, заедно со минималната, треба да растат сите останати плати. Жалат што ниту еден амандман со кој се предвидува скалесто зголемување не е прифатен. Со ваквиот начин, сметаат дека ќе се создаде една неправда, каде оние со поодговорна и посложена работа ќе земаат исти плати со најниско платените работници.

Владата е уверена дека ова ќе поттикне пораст и на другите плати.

Минималната плата е резултат на договорот што го постигнаа Владата, синдикатите и работодавачите. До крајот на годинава, државата ќе ја покрива разликата. За да се избегне порамнување на платите, опозицијата амандмански предложи скалесто зголемување на сите плати, но власта го одби зашто овој закон ја утврдува само најниската гарантирана плата.

Слични содржини