Мас: Ограничувачките мерки не треба да важат за вакцинираните лица

од Vladimir Zorba

Луѓето кои биле вакцинирани против КОВИД-19 треба да имаат право да посетуваат ресторани и кина, рече германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас, споделувајќи мислење што се разликува од мислењето на другите членови на кабинетот кои се противат на посебните привилегии за вакцинираните, пренесува Ројтерс.

Мас рече дека државата масовно ги ограничува основните права на луѓето, за да се избори против вирусот и да избегне преоптоварување на здравствениот систем.

„Сè уште не е јасно до кој степен вакцинираните лица можат да заразат други“, изјави Мас за „Билд ам Зонтаг“. „Она што е јасно, сепак, е дека вакцинираното лице повеќе не зафаќа респиратор, што може да го користи некој друг“, додаде министерот.

Околу 1 милион луѓе од вкупно 83,2 милиони Германци се вакцинирани од петокот, според институтот „Роберт Кох“.

Коментарите на Мас се во контраст со другите германски министри кои се спротивставуваат на ваквите посебни права, стравувајќи дека тоа може да доведе до нееднаквост во општеството во време кога немаат сите можност да се вакцинираат.

Министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер рече дека разликувањето помеѓу вакцинирани и невакцинирани лица ќе биде еднакво на задолжителна вакцинација, на што тој се спротивставува.

Мас посочува дека владата исто така ги ограничува правата на луѓето кои управуваат со ресторани, кина, театри и музеи.

„Тие имаат право во одреден момент повторно да ја отворат својата деловна активност доколку имаат можност да го сторат тоа“, рече министерот за надворешни работи и додаде дека ако на ваквите места има само вакцинирани лица, тие повеќе нема да претставуваат ризик.

Иако Мас признава дека ова може да доведе до нееднаквост за „одреден период“, тој тврди дека ваквиот потег би бил оправдан со уставот, се додека постои објективна причина и не влијае на основните јавни услуги.

Германија ги продолжи ограничувачките мерки барем до крајот на јануари, а канцеларката Ангела Меркел во вторникот се состана со регионалните лидери на разговори за построгите ограничувања.

Слични содржини