Маск ги „задева“ Трамп и Бајден: Луѓето постари од 70 години немаат што да бараат во Белата куќа

од Nikola Popovski

Основачот на Тесла и Спејс Икс, Илон Маск, смета дека 70-годишните лица се премногу стари за да се кандидираат за високи позиции.

Во очигледното „задевање“ и на американскиот претседател Џо Бајден и на поранешниот претседател Доналд Трамп, Маск оцени дека мора да има старосна граница по која „ќе истече времето“ на политичарите.

„Да поставиме старосна граница по која не може да се кандидирате за политички функции, можеби нешто под 70…“, напиша тој на Твитер, а неговата објава за неколку часа беше „лајкувана“ повеќе од 76.000 пати.

Маск не прецизираше дали мислел на американското претседателство, кое има пониска старосна граница од 35 години, но не и горна старосна граница, потсетува „Newsweek“.

Неговата последна порака дојде во време кога се доведува во прашање способноста на Бајден да биде претседател, по серијата гафови.

Бајден е најстариот претседател на САД и на 20 ноември наполни 79 години. На следните избори во 2024 година ќе има повеќе од 80 години, а доколку биде реизбран и го одработи целиот мандат, функцијата ќе ја напушти на 86 години. Минатиот месец Белата куќа објави дека претседателот повторно ќе се кандидира.

Анкетата на Фокс њуз, која обично е критички настроена кон демократскиот претседател, покажа дека повеќето Американци (53 отсто) веруваат дека неговата возраст влијае на неговата способност да служи како претседател.

Трамп сега има 75 години, а во 2024 година ќе има 78 години, како што имаше Бајден кога положи заклетва.

 

Слични содржини