Мелони предупредува дека мигрантската криза во Италија ќе ја погоди целата ЕУ

од Nikola Popovski

Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европската комисија и Џорџо Мелони, италијанскиот премиер го посетиле италијанскиот остров Лампедуза, погоден од мигрантската криза.

Мелони ја поканила претседателката на ЕК да го посети островот и самата да се увери во размерите на мигрантската криза, објави Анса.

Официјалните лица го посетиле и пристаништето Фавалоро, каде секојдневно пристигнуваат бројни чамци и бродови со мигранти од Северна Африка.

Мелони истакнала дека поради големиот прилив на мигранти, Италија е под „неподнослив притисок“.

Од почетокот на годината, околу 127.000 мигранти влегле во Италија, што е двојно повеќе отколку во истиот период во 2022 година. Многу од нив пристигнуваат во Италија преку Лампедуза, најјужниот остров во Италија.

Тензиите настанале денеска кога група локални жители организирале протест и му го попречиле патот на конвојот со Мелони и Фон дер Лајен.

Препирките се смириле, а патот бил деблокиран кога Мелони им се обратила и им рекла „правиме се што можеме“, додавајќи дека таа лично дошла да се справи со оваа вонредна состојба.

Мелони предупредила дека мигрантската криза со која се соочува Италија ќе влијае на целата ЕУ. Таа изјавила и дека посетата на Фон дер Лајен докажува дека ЕУ е свесна за тоа.

Слични содржини