Мицкоски: Во 2024 година да создадеме иднина во која секој ќе се чувствува подобро

од Stefanija Kuzmanovska

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска упати честитка до граѓаните по повод новогодишните празници во која најавува дека 2024 ќе биде година на промените.

Како што наведува Мицкоски, целта е обнова на државата и создавање иднина во која секој ќе се чувствува подобро.

Ќе има повисок стандард, ред и поредок, морал и правда, промоција на националните и државни интереси, истакнува Мицкоски.

„Секој од нас пред Нова Година пишувал честитки или писмо до своите најблиски, до своите херои. Во пресрет на годината на промените пишувам честитка и писмо до Вас, мои сограѓани, бидејќи Вие сте моите херои. Издржавте многу, не само оваа година, 30-тина години Вие со својата сила и умешност ги крепите и семејствата и државата. Вие сте силата на Македонија. Неспособноста на власта е поразителна, проблемите се големи, а моралот е погазен. Криминалот и корупцијата разјадуваат. Премногу е! Никогаш не било полошо. Вие мои сограѓани заслужувате подобро. Имајќи полна почит и доверба во Вас, јас Ве замолувам за доверба, за заедно да ги надминеме овие тешки времиња. Време е, светлината да ја победи темнината, да се вратат надежта, моралот и насмевките. Верувам во вас. Природно е да имаме по некоја разлика, но сите имаме иста цел, и таа не обединува, а тоа е обновена Македонија. Имаме сила за големи успеси и квалитет во 2024 година да создадеме иднина во која секој ќе се чувствува подобро. Ќе има повисок стандард, ќе има ред и поредок, морал и правда, промоција на националните и државни интереси“, пишува во честитката.

Според Мицкоски, добрите дела, вербата во луѓето и во Бога, како и стремежот за промени, даваат мотив и сила.

„Знам дека ќе успееме! 2024 година ќе биде годината на промените. И да, не чека многу работа, но и голема победа за секој еден од вас! Прославете ги празниците во љубов, пријатно опкружување и добро расположение. Сетете се на сите кои ги сакате и замислете убави желби за секого кого го познавате. Ви гарантирам дека следуваат поубави времиња! Мои сограѓани, Ви посакувам добро здравје и подобар живот, многу убави моменти Вам и Вашите блиски, многу среќа, радост и насмевки“, порачува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Слични содржини