Мицотакис: Писмото од Бајден за воените авиони Ф-35 е најдобриот печат на стратешките односи меѓу Грција и САД

од Radmila Tasevska

Писмото од американскиот државен секретар на САД, со кое Грција официјално се приклучува кон програмата за Ф-35 и во исто време добива многу важна бесплатна одбранбена помош од САД е најдобриот печат на стратешката длабочина на грчко-американските односи и во пракса потврдува дека кредибилната, но и динамичната надворешна политика може да има многу суштинско влијание врз заштитата на земјата, истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на почетокот на средбата со претседателката Катерина Сакалеропулу, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис ја информираше Сакеларопулу за одобреното барање од САД, Грција да набави 40 воени авиони Ф-35, но и да добие бесплатен пакетот воена опрема, за што грчката претседателка истакна дека „на овој начин се зајакнува улогата на земјата како фактор на стабилност во регионот“.

Премиерот и претседателката на Грција разговараа и за владините реформи, за предлог-законите, како што се отворањето на приватни факултети, за мерките за поддршка на граѓаните, а Мицотакис се осврна и на протестите на земјоделците.

Рече дека Владата е секогаш отворена за сите општествени барања, посочи дека земјоделците во голема мера оправдано протестираат за прашања поврзани со зголемувањето на трошоците за производство.

– Проблемот не е само грчки, гледате дека се манифестира низ цела Европа. Но, сакам да потсетам дека ние бевме партијата што ги поддржувавме земјоделските приходи преку низа политики и нашите врати се секогаш отворени, во рамките на нашите фискални можности, истакна Мицотакис.

Слични содржини