Мигрантите во Данска ќе мора да „заработат“ за социјална помош

од Nikola Popovski

Доколку предлогот на данската премиерка Мета Фредериксен помине во парламентот, мигрантите кои не се од „западно потекло“ ќе треба да работат 37 часа неделно, доколку сметаат дека и понатаму треба да продолжат да добиваат разни бенефиции од државата, вклучително и социјална помош.

Данската социјалдемократска малцинска влада, која спроведува една од најстрогите имиграциски политики во ЕУ со цел да ги намали барањата за азил на нула, го измисли овој план со цел да им помогне на мигрантите подобро да се асимилираат во општеството на оваа скандинавска земја.

Во образложението на предлогот се вели дека „има премногу луѓе, особено оние кои не се од западно потекло, но кои немаат работа“. И секој што доаѓа во Данска мора да работи за да може да се издржува себеси и своето семејство. Ако некој нема работа, мора да има обврска да придонесе за заедницата за да го оствари правото да прима социјална помош.

„Сакаме да воведеме нова логика на работа во која луѓето се должни да придонесат и да бидат корисни за општеството. Ако не можат да најдат редовна работа, ќе мора да работат за џепарлак. Премногу години правиме лоша услуга за многу луѓе без да бараме ништо од нив“, рече Мете Фредериксен, пренесува АФП.

Премиерката објасни дека оваа промена во правилата за остварување различни социјални придобивки се однесува пред се за жените мигранти. Според владините податоци, шест од 10 жени од Блискиот Исток, Северна Африка и Турција не се вработени.

„Суштинскиот проблем е кога имате силна економија чии работодавци имаат потреба од работна сила, а во исто време има големи групи, пред се жени од незападно потекло, кои не се дел од пазарот на трудот“, истакна Фредериксен.

Од 2019 година, кога Фредериксен стана премиерка, бројот на барања за азил во Данска е драстично намален. Од 1 јануари до 31 јули годинава имало 851 барање. Најмногу имало во 2015 година во екот на мигрантскиот бран во Европа – 21.000.

Фото: Armin Durgut/PIXSELL, Nel Pavletić/pixsell

Слични содржини