Милановиќ: Хрватска е на автопилот

Тој испрати и порака дека сака Хрватска да игра поактивна улога во Европската Унија и да се залага за хрватските интереси.

од Бети Божиноска

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денеска уште еднаш остана на ставот дека ќе формира нова хрватска влада по парламентарните избори на 17 април и посочи дека е „смртно сериозен“ кога го кажува тоа, пренесува „Политика“.

„Земјата е во чудна состојба, на автопилот е. Програмата на ХДЗ беше напишана како да е напишана од вештачка интелигенција, но со фабрички поставки на 90 IQ“, истакна Милановиќ.

Милановиќ се осврна на актуелните состојби во политиката и ги поврза историските настани со денешното функционирање на Уставниот суд. Тој испрати и порака дека сака Хрватска да игра поактивна улога во Европската Унија и да се залага за хрватските интереси.

„Кога зборувам за Хрватска, ја гледам, пред се, Хрватска. Некој ќе рече дека е себично, а јас ќе кажам – некому му чини, некому не. Така е, не може поинаку, особено ако сте мала нација во Европа, која е мегаструктура и која има тенденција да стане супердржава. Е тука сакам повеќе ентузијазам, дух, проникивост од нас, граѓаните на Хрватска, на начин на кој Истра се бори за своите интереси“, рече Милановиќ.

Тој додаде дека се уште чека хрватската извршна власт во Брисел да каже за нешто „нам тоа не ни одговара.“

„Па, навистина не е можно седум години од Европската комисија, од парламентот да доаѓаат само работи што ѝ одговараат на Хрватска. Не значи дека треба да земете оружје, туку треба да го браните своето и да бидете свесни што е тоа твое. Работите ни одат добро. Европа е нашиот дом, но Европа не е супердржава и ние ѝ припаѓаме на Европа онолку колку што одлучивме да припаѓаме “, рече Милановиќ.

Слични содржини