Милков: Натпреварот Македонија-Бугарија, како и казната за Алабаковски откриваат структурен проблем со правата на Бугарите

од Nikola Popovski

Исврикувањето на бугарската химна пред фудбалскиот натпревар меѓу репрезентациите на Бугарија и Северна Македонија во Скопје, како и условната казна на пејачот Ламбе Алабаковски, кој го запали бугарскиот културен центар „Иван Михаилов“ во Битола, откриваат проблем со правата на Бугарите во С. Македонија, смета бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков.

Според него, „двете дела се манифестација од омраза, кои всушност со начинот на кој се третираат и немањето соодветна казна испраќаат порака“.

-Не би рекол дека пораката е позитивна. Треба да обрнеме внимание, дека овој спортски јазик што се користеше за време на натпреварот го користат и политичарите, што создава општа слика. Ова е слика на обиди за еродирање на постигнатите договори, благодарение на кои Република Северна Македонија почна да ја отвора можноста за почеток на преговори за членство во Европската Унија, рече Милков, пренесуваат бугарските медиуми.

На прашањето на БГНЕС дали резултатот е 3 спрема 1 во корист на РСМ, како што коментира министерот за надворешни работи Бујар Османи, Милков одговори дека не би сакал да зборува со фудбалски речник.

„Мислам дека ова не е фудбалски натпревар. Оваа реакција не ја сметам баш соодветна“, нагласи тој и додаде дека сепак сфаќа и се труди позитивно да гледа дека се работи за декларации наменети за внатрешна употреба.

Слични содржини