Мицевски: Кога ќе дојдеме на власт, постапката за изборот на уставни судии повторно ќе биде разгледана

од Vladimir Zorba

Ставањето точка на дневен ред за утврдување на предлог за избор на уставни судии е преседан сам по себе, што се нема случено во 30-годишниот плурализам и ова е првпат една Комисија да не ја заврши расправата по точката, а да испрати извештај и тој да се смета за релевантен врз основа на којшто ќе се дискутира на пленарна седница, изјави денеска координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски на прес-конференција во Собранието.

Мицевски најави дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе разгледа можност за поднесување на интерпелација, но и одредени кривични пријави за, како што рече, „сите оние кои се инволвирани во оваа постапка”. Тој додаде дека расправата по третиот предлог-кандидат во Комисијата се уште не е завршена и точката уште не е утврдена, односно, според него, во целиот случај се постапува неделовнички.

– Претседателката на Комисијата за прашања на избори и именувања е злоупотребена и е ставен потпис на извештај којшто го измислиле други умни глави, а таа требала да го реализира, ставајќи го својот интегритет за ваква работа, рече Мицевски.

Ова, според него, е „класично изгирување на процедурата” и „класично кршење на Уставот”.

– По доаѓање на ВМРО-ДПМНЕ на власт, целата постапка на злоупотреба на изборот на уставни судии повторно ќе биде разгледана, рече Мицевски.

Слични содржини