МОН: Со новите учебници нема да има провизии како во времето на ВМРО-ДПМНЕ

од Andreja Salpe

Добро е што ВМРО-ДПМНЕ конечно признава дека ја поддржува дигитализацијата и не треба да се грижи дали МОН нема капацитети истата да ја спроведе, реагираат од министерството на обвинувањата на опозициската партија. Оттаму велат дека подготовката на новата програма, материјалите и како и сите потребни капацитети се одвиваат со потребната динамика и дека сé ќе било подготвено за почетокот на следната учебна година.

„ Опозициската ВМРО-ДПМНЕ барајќи целосно нови печатени учебници и понатаму се обидува да ги заштити милионските ексклузивни договори со одредена група издавачи, наспроти квалитетните и модерни материјали кои што ги нуди новото законско решение и е во најдобар интерес на учениците. Нови, современи и достапни за секого учебници ќе има, а дигитализирањето на дидактичките материјали ќе значи само унапредување на наставата и осовремeнување на начинот на учење, овозможувајќи им на новите генерации квалитетно образование.

Во интерес на објективно и точно информирање на граѓаните, родителите, учениците и наставниците известуваме дека новото законско решение предвидува комбиниран модел на примена на учебници и други наставни и дидактички материјали. Ниту еден ученик нема да биде исклучен од наставата, а учениците од прво до трето одделение ќе добиваат печатени учебници, додека за учениците од четврто и погорните одделенија приоритетна опција се дигиталните учебници и условите за употреба на истите ќе му бидат овозможени секому. Она што ќе го нема, се милионските тендери за печатење на учебници од кои дебело со години се офајдуваше ВМРО-ДПМНЕ“ се вели во рекацијата на МОН.

Како што објаснуваат од министерството, со новиот закон за првпат е обезбеден пристап до учебниците кои ученикот треба да ги користи.

„ Па така, за учениците кои се од социјално загрозени семејства и немаат уреди за учење од дигиталните учебници, како и за учениците кои поради попреченост имаат потреба од уреди и/или помошна технологија, училиштето е должно да обезбеди услови за секој ученик да има пристап до употреба на учебник. За прв пат, се обезбедуваат и учебници во аудио формат, а воедно се печатат и учебници на Брајово писмо.

Со новиот Закон се става крај на неквалитетните учебници кои уништуваа генерации ученици, учебници кои беа полни со дискриминаторски содржини, стереотипи, говор на омраза и поделби и тој не смее да биде причина за бојкот на наставата“ додаваат од МОН.

Оттаму порачуваат учениците и родителите да ги следат официјалните канали на комуникација на Министерството за образование и наука и останатите надлежни информации кои секојдневно транспарентно ја информираат јавноста за Законот за учебници.

Слични содржини