МОН: ВМРО-ДПМНЕ продолжува да пласира лажни вести

од Берта Китинска

ВМРО-ДПМНЕ продолжува да биде главен центар на креирање и пласирање лажни вести во јавноста, со единствена цел преку измама на граѓаните да собере што повеќе политички поени на дневна основа за да го преземе раководењето на институциите, вклучително и МОН, а потоа, јасно е кој ќе биде нивниот приоритет – скапите провизии од склучени ексклузивни договори за набавка и печатење на учебници со одредена група издавачи, реагираат од министерството за образование.

-Практика која се елиминира со новото законско решение за изработка на нови материјали за учење и оттука произлегува болката на опозициската партија и конструирањето невистини за наводно огромни износи на пари потребни за воведување на новините во образованието.

Министерството за образование и наука реагира на обвинувањата дека новиот Закон за учебници доведува до класно раслојување, како што беше изнесено на денешната прес – конференција на новата и неупатена портпаролка на партијата. Всушност, се работи за првото законско решение со кое се елиминира дискриминацијата и се создаваат можности за еднаков пристап до материјали за учење за сите ученици.

Потсетуваме дека согласно законското решение, учениците од прво до трето одделение ќе добиваат печатени учебници, а за учениците од погорните одделенија прва опција ќе бидат дигиталните. Додека лектирите остануваат во печатен формат.

Притоа, за оние ученици кои се од социјално загрозени семејства и немаат уреди за учење од дигиталните учебници, како и за учениците кои поради попреченост имаат потреба од уреди или помошна технологија, училиштето е должно да обезбеди услови за секој ученик да има пристап до употреба на учебник. А како поддршка на училиштата, заедно со Светска банка ќе реализираме активност за нивно опремување со таканаречен библиотечен фонд на таблет уреди кои ќе им се даваат на времено користење на учениците кои потекнуваат од социјално ранливи семејства, за да можат истите да ги користат дигиталните учебници.

Суштински важно е и што со законот се става крај на неквалитетните учебници кои уништуваа генерации ученици, учебници кои беа полни со дискриминаторски содржини, стереотипи, говор на омраза и поделби, кои ВМРО – ДПМНЕ свесно дозволуваше да се публикуваат и применуваат во наставата.

Наместо да се занимава со лаги и манипулации, доколку ВМРО – ДПМНЕ сака да покаже дека е грижлива и чесна партија, треба да се посвети на конструктивност и креирање на предлози и сугестии за забрзување на процесот на модернизација на националниот образовен систем, доколку за тоа поседуваат капацитет.

Во меѓувреме, уште еднаш апелираме до учениците и родителите да ги следат официјалните канали на комуникација на Министерството за образование и наука и останатите надлежни преку кој се објавуваат релевантни и точни информации во врска со сите аспекти и компоненти на процесот на реформа на основното образование, стои во соопштениеот од МОН.

Слични содржини