Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски се обратил пред собраниската Комисија за надворешни работи, истакнувајќи дека надворешната политика не смее да биде предмет на дневнополитички пресметки, туку мора да претставува јасна државна линија заснована на најширок можен политички консензус.
Во своето обраќање, министерот нагласил дека во периодот 2024–2026 е направена суштинска трансформација на македонската дипломатија – од реактивен и фрагментиран пристап кон координиран, интегриран и резултатски ориентиран систем. Со преземањето на надлежностите за надворешна трговија, Министерството прераснува во централен столб на меѓународниот настап на државата, кој ги обединува политичките и економските интереси.
Посебен акцент бил ставен на економската дипломатија, како клучна алатка за привлекување инвестиции, отворање нови пазари и зајакнување на економската стабилност, со цел надворешната политика да носи конкретни резултати за граѓаните.
Во делот на европската интеграција, Муцунски ја потврдил стратешката определба за членство во Европската Унија, нагласувајќи дека процесот мора да се темели на заслуги, јасни критериуми и предвидливост, како и да носи реални придобивки за граѓаните.
Тој посочил дека државата останува целосно усогласена со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, како и дека членството во НАТО останува клучен столб на националната безбедност.
Министерот се осврнал и на продлабочувањето на стратешките партнерства, вклучително со Обединетото Кралство, Унгарија и Соединетите Американски Држави, при што беа потенцирани конкретни резултати во енергетиката, инвестициите и безбедноста.
Во регионален и мултилатерален контекст, била истакната посветеноста на Северна Македонија на дијалог, соработка и активна улога во меѓународните организации, како и на зајакнување на економската дипломатија, инвестициите и трговската размена.
Во заклучокот од обраќањето, министерот ја сумирал надворешната политика во изминатиот период преку три клучни принципи – достоинство, резултати и визија.