МВР до Муцунски: Не сме надлежни за движењето на тешки товарни возила на територија на општина Аеродром

од Nikola Popovski

МВР реагираше на статусот на градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски кој преку Фејсбук праша зошто полицијата не реагира на забраната за движење на тешките товарни возила кои движат во реон на Горно Лисиче и дозволува да се уништуваат коловозите и урбаната опрема.

-Дел од новоизбраните градоначалници своето незнаење и некадарност го покриваат префрлајќи ја одговорноста на МВР. По градоначалничката на Скопје, денеска со сличен небулозен Фејсбук статус се обрати и градоначалникот на општина Аеродром Тимчо Муцунски, кој дали поради незнаење или пак свесно сакајќи да шири дезинформации поставува прашање до МВР зошто не реагира на наводна забрана за движење на тешки товарни возила во реон на Горно Лисиче, каде тој без да ги почитува законите постави т.н. „легнат полицаец“, велат од МВР.

Од таму информираат дека МВР не може да презема мерки за движење на тешки товарни возила на територија на општина Аеродром -н. Горно Лисиче бидејќи движењето на тешките товарни возила не е регулирано со сообраќаен знак, а сообраќајните знаци по закон ги поставува локалната самоуправа.

Според нив, во однос на “легнатите полицајци” или стручно кажано вештачки испакнатини кои што претставуваат сообраќајно технички мерки за забавување на сообраќајот и се сообраќајна опрема на патиштата, а не урбана опрема, напоменуваат дека истите се поставени без претходна согласност од МВР согласно член 351 од ЗБСП.

-Апелираме до Муцунски да не ги манипулира граѓаните и да престане со ефтините подметнувања. Наместо да пишува Фејсбук статуси да си ја заврши својата работа, а доколку има потреба и помош од МВР му стоиме на располагање во секое време да соработуваме како институција со институција, а не со подметнување лаги преку социјални мрежи, стои во демантот на полицијата.

Само нецели два месеца откако беше поставен, почна да се распаѓа лежечкиот полицаец во скопската населба Горно Лисиче. Лежечкиот полицаец беше поставен на 1 ноември, три дена по стапувањето на должност на новиот градоначалник на Општина Аеродром Тимчо Муцунски.

Слични содржини