МВР предлага дуелот помеѓу Македонија ЃП и ЦСКА (Софија) да се игра во Струмица, од ФФМ нема одговор

од Vladimir Zorba

Министерството за внатрешни работи (МВР) испратиле предлог до Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) за натпреварот помеѓу Македонија ЃП и ЦСКА (Софија) да се одигра во Струмица место во Скопје поради зголемен број настани во главниот град и ангажмани на СВР Скопје.

ФФМ го испратиле барањето до УЕФА бидејќи тие одлучуваат, но до овој момент не е добиен одговор.

„Во секој случај гарантираме безбедно одвивање на натпреварот, каде и да се игра“, велат од МВР за „Локално“.

Натпреварот Македонија ЃП – ЦСКА е закажан за 21 јули со почеток во 17:30 часот.

Клубот од Ѓорче Петров натпреварот како домаќин ќе го игра на „Петар Милошевски“ во центарот на ФФМ. Според правилата на УЕФА, обезбедени се 5 % од капацитетот на гледачи за гостинската публика.

Од Бугарија изминативе денови се слушнаа барања Скопје да биде изземен од организација на натпреварот, поради тензиите кои постојат меѓу двете земји на политички план.

– Дали овој натпревар воопшто треба да се игра во главниот град на Македонија? УЕФА има практика брзо да реагира на политичките тензии и да ги испраќа натпреварите на неутрални терени. Во конкретниот случај, дури и ова е повеќе од погодно, бидејќи српскиот град Ниш е блиску до двата главни града. Во последните години, УЕФА не дозволува тимови од Ерменија и Азербејџан, како и од Русија и Украина да се сретнат на турнирите. ЦСКА мора да ја посети базата на репрезентацијата на Македонија, именувана од „Македонија ЃП“ за арената на натпреварот. Доколку „Црвените“ ја контактираат УЕФА за проблемот, голема е веројатноста Нион да направи промена. Ова не важи за гостувањето на „Македонија ЃП“, бидејќи во Софија нема слична атмосфера, стои во анализата на бугарскиот дневен весник „Труд“.

Н.П.

Слични содржини