МЗ: Тестовите на „Систина“ се различен тип од тестовите на останатите институции

од Vladimir Zorba

Во однос на објавите во дел од медиумите за бројот на позитивни случаи од тестираните пациенти во „Систина“, Министерството за здравство преку соопштение вечерва сподели дека тестовите кои ги користи приватната клиника се различен тип од тестовите на сите останати институции.

– Имено, тие тестови го детектираат присуството на анти тела на вирусот Ковид-19, додека останатите тестови го детектираат директното присуство на самиот вирус. За позитивни се сметаат оние пациенти кои се позитивни на вирусот и исклучиво тие се водат и внесуваат во дневната статистика. Сите пациенти кои се детектираат како позитивни на тестовите на анти тела кои ги прави „Систина“, задолжително треба да направат тест за присуство на вирусот во ИЈЗ, согласно одлуката на Комисијата за заразни болести во министерството, соопштија од МЗ.

Денеска во „Аџибадем Систина“, со т.н. брзи серумски тестови од холандско производство, биле тестирани 327 луѓе, од кои 54 се позитивни.

Претходно, за четири дена, од 28 до 31 март, во Клиничката болница биле тестирани вкупно 485 луѓе, од кои 34 биле позитивни. Во првите четири дена само 20 отсто од тестираните биле со зголемена температура и со симптоми на инфекцијата, велат од болницата.

Слични содржини